Selçuk Acar
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
ЊУЈОРК (АА) - Поранешната државна секретарка на САД и поразена кандидатка за претседател на последните избори, Хилари Клинтон, го критикуваше претседателот на САД, Доналд Трамп, на што тој брзо и реплицираше, јавува Anadolu Agency (AA).
Клинтон ја објави книгата „What Happened“ (Што се случи), која објаснува што се случило за време на жестоката кампања што ја водела против Трамп, и по тој повод беше гостинка на „CNN“ (Си-ен-ен) каде што продолжи со остар речник да го критикува противникот.
„Трамп и неговата администрација претставуваат отворена и растечка закана за демократијата“, рече Клинтон, додавајќи дека Трамп не е дораснат и квалификуван за претседател на САД.
Клинтон, исто така, рече дека тогашниот директор на Федералното биро за истраги (ФБИ), Џејмс Коми, му помогнал на Трамп да победи на претседателските избори минатата година, а наводите за руската вмешаност во овие избори ги нарекува скандал поголем од познатиот Вотергејт.
Американскиот претседател Доналд Трамп брзо одговори преку „Twiter“ и порача дека Клинтон е измамничка која ја изгубила ориентацијата, и оти за изборниот пораз ги обвинува сите по ред, никогаш не признавајќи ја својата вина.