Ekipa
14 Септември 2017•Ажурирај: 15 Септември 2017
ДОХА (АА) - Властите на Катар порачаа дека се подготвени да ги издржат сите притисоци и оти дијалогот е единствениот пат за решавање на актуелната криза во Заливот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Без оглед на тоа колку тензиите ќе растат, заливската криза на крајот ќе биде решена на преговарачка маса. Катар е подготвен да се соочи и да ја издржи блокадата што му ја наметнаа четирите земји, без оглед на тоа колку ќе трае кризата“, порача директорот на службата за односи со јавноста на катарската Влада, Сајф бин Ахмед ал Тани.
Тој во интервју за весникот „Al Abar Al Jadid“ (Ал Абар Ал Џадид) истакна дека е изненаден од одлуката на Саудиска Арабија да ја затвори вратата на дијалогот, иако претходно телефонски разговарале највисоките официјални лица на Доха и на Ријад, катарскиот емир, шеик Темим бин Хамад ал Тани и саудискиот принц Мухамед бин Салман.
„Што се однесува до Катар, за нас не е проблем што кризата продолжува. Минатата недела беше отворено пристаништето Хамад, кое ќе биде најголемо на Средниот Исток. Ние донесовме одлука да стапиме во дијалог веднаш откако блокадата ќе се укине“, порача официјално лице на катарската Влада.
На почетокот од јуни, Саудиска Арабија, Бахреин, Египет и ОАЕ ги блокираа односите со Катар и ја обвинија земјата за поддршка на радикализмот и тероризмот.
Просаудискиот блок дополнително достави листа од 13 услови што Катар треба да ги исполни за деблокада, а меѓу барањата е и затворањето на медиумската мрежа „Al Jezeera“ (Ал Џезира), со седиште е во Доха, како и прекин на катарските односи со Иран.
Од друга страна, властите на Катар ги негираат обвиненијата што просаудискиот блок им ги наметна, а барањата за деблокада ги оценува како неприфатливо кршење на меѓународните права и слободи, особено слободата на медиумите.