Hamdi Yıldız
30 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
БЕЈРУТ (АА) - Генералниот секретар на Хезболах, Хасан Насрула, изјави дека Либан не му дал на Израел никакви безбедносни гаранции во рамките на договорот за поморската граница, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во обраќање на либанската телевизија, Насрула говореше за договорот за границата потпишан меѓу Израел и Либан.
Според него, регионалните и меѓународните услови, вклучително и војната меѓу Русија и Украина, помогнале да се постигне овој успех.
Тој истакна дека постоечките услови го навеле официјален Вашингтон да избегне нова војна во регионот.
Сепак, тој нагласи дека Либан не му обезбедил никакви безбедносни гаранции на Израел во договорот за поморската граница.
„Преговорите речиси ќе доведеа до војна пред Израел да се согласи“, рече тој.
Насрула истакна дека со договорот Израел прифатил рамнотежа меѓу отпорот (Хезболах) и одвраќањето во земјата и потсети дека подрачјето од 2,5 километри од граничниот договор сè уште не е решено.
Заменик-генералниот секретар на Арапската лига, Хусам Зеки, на својот профил на социјалните мрежи вчера напиша дека го поддржува договорот за поморската граница меѓу Либан и Израел.
„Арапската лига ќе му помогне на Либан да добие суверени поморски права и да ги користи природните ресурси во својата ексклузивна економска зона“, рече тој.
Двете соседни земји, кои немаат дипломатски односи, водеа преговори со посредство на Соединетите Американски Држави за решавање на спорот околу поморскиот простор од речиси 860 квадратни километри.
На крајот од преговарачкиот процес, либанскиот претседател Мишел Аун во петокот во Бејрут го потпиша договорот за поморската граница, а израелскиот премиер Јаир Лапид во Ерусалим.
Специјалната координаторка на Обединетите нации (ОН) за Либан, Јоана Вронецка, рече дека добиле копии од договорот потпишан одделно од двете страни што ќе бидат однесени во седиштето на ОН во Њујорк.