Burç Eruygur,Servet Günerigök
30 Октомври 2022•Ажурирај: 31 Октомври 2022
ИСТАНБУЛ/ВАШИНГТОН (АА) – Европската Унија (ЕУ) денес ја повика Русија да ја повлече одлуката за прекин на своето учество во договорот за извоз преку Црното Море, кој ѝ помогна на Украина да извезува прехранбени производи кон остатокот од светот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Одлуката на Русија да го суспендира учеството во договорот ја става во опасност главната рута за извоз на многу потребните жито и ѓубрива за справување со глобалната криза со храна предизвикана од нејзината војна против Украина“, порача шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, преку Твитер.
Реакцијата на Борел дојде по еден ден откако руското Министерство за одбрана ја објави одлуката по наводните напади врз нејзината Црноморска флота.
Во соопштението на руското Министерство се наведува дека одлуката ја донеле „во светло на неодамнешните настани поврзани со терористичките напади врз бродовите на Црноморската флота“.
Туркије, ОН, Русија и Украина на 22 јули во Истанбул потпишаа договор за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, што беше прекинат по почетокот на руско-украинската војна во февруари. Во Истанбул е формиран Заеднички координативен центар со официјални претставници од трите земји и ОН за надгледување на испораките.
Соединетите Американски Држави со жалење реагираа на одлуката на Русија и порачаа: „Ги повикуваме сите страни да работат на задржување на функционирањето на оваа суштинска, спасувачка иницијатива“, истакна државниот секретар Ентони Блинкен.
Тој нагласи дека спроведувањето на договорот е од клучна важност за земјите со низок и среден приход.
Блинкен ја обвини Москва дека повторно ја користи храната како оружје. „Секој чин од страна на Русија за попречување на овој клучен извоз на жито во суштина е порака дека луѓето и семејствата низ светот треба да платат повеќе за храна или да останат гладни“, рече тој.