Betül Yılmaz
11 Ноември 2025•Ажурирај: 12 Ноември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Палестинското движење Хамас денес остро го осуди предлог-законот одобрен од израелскиот Кнесет, кој дозволува извршување смртна казна на палестински затвореници, нарекувајќи го „обид за легализирање на масовното убивање на Палестинците“, јавува Аандолу.
Синоќа Кнесетот ја усвои во прво читање иницијативата на екстремно десничарскиот министер за национална безбедност Итамар Бен-Гвир, со која се дозволува егзекуција на палестински затвореници „кои намерно или од невнимание предизвикале смрт на израелски државјанин“.
Според израелскиот јавен радиодифузер КАН, предлог-законот бил усвоен со 39 гласа „за“ и 16 „против“ во Парламентот со 120 пратеници.
Во израелскиот законодавен систем законот мора да помине три читања пред да стане правосилен.
Хамас оцени дека усвојувањето на овој закон претставува „продолжение на расистичкиот и криминален пристап на ционистичката Влада и обид за легализирање на организираното масовно убивање на нашиот палестински народ што живее под окупација“.
„Одобрувањето на ова фашистичко и садистичко законодавство пред очите на светот претставува упорно прекршување на меѓународните закони и конвенции, особено на меѓународното хуманитарно право и принципите на човековите права“, соопшти групата.
Хамас ги повика меѓународната заедница и организациите за човекови права да го осудат овој опасен расистички закон, да воведат санкции за израелската власт и да извршат притисок за негово повлекување.
Движењето, исто така, побара формирање меѓународни истражни комисии за документирање на состојбите во кои се наоѓаат палестинските затвореници и насилството и тортурата на кои се изложени во израелските затвори.
Според извештаите на палестински и израелски организации за човекови права и медиуми, повеќе од 10.000 Палестинци, меѓу кои и жени и деца, се наоѓаат во израелски затвори, каде што се подложени на тортура, глад и медицинска запоставеност, а дел од нив биле убиени.
На отворањето на зимската сесија на Кнесетот пред две недели, Бен-Гвир се закани дека доколку законот не биде ставен на гласање во рок од три недели, неговата партија нема да ја поддржи владината коалиција.
Екстремно десничарскиот министер повеќепати повикуваше на донесување закон со кој ќе се дозволи егзекуција на палестински затвореници во израелските затвори.
Бен-Гвир, исто така, ги нагласи строгите услови за палестинските затвореници и покрај извештаите за зголемени злоупотреби и ограничување на нивните права, меѓу кои се суспендирање на посетите, намалување на оброците и ограничен пристап до тушеви, според организациите за човекови права.