Mustafa Deveci
29 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
ГАЗА
Директорот на Агенцијата на Обединетите нации за помагање на палестинските мигранти (UNRWA) за операции во Газа, Матијас Шмале, се извини поради изјавата во која рече дека „освен некои исклучоци, израелската Војска не ги погоди цивилите во Појасот Газа, кој е под блокада“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Генералниот комесар на УНРВА, Филипе Лацарини, објави писмено соопштение во врска со оваа тема.
Лацарини нагласи дека настаната е голема материјална штета и голема загуба на животи во, како што рече тој, 11-дневните судири во Газа.
Информирајќи дека во Газа загинале над 250 лица, тој упати сочувство до блиските на жртвите, а на повредените им посака брзо заздравување.
Како што рече тој, УНРВА е длабоко загрижена од настанатото рушење во Газа, и додаде дека остро ги осудуваат нападите извршени против цивилите и против имотите на цивилите, што според него, е против меѓународното право.
„Не може да има ниту едно образложение за убивање на цивилите. Каков било напад во едно место со густо население како во Газа, би предизвикал големо уништување на луѓето и зградите. Како резултат на бомбите, загинаа или повредени се голем број лица. Меѓу над 60-те загинати деца има и најмалку 19 деца што беа дел од училиштата на УНРВА. Тоа не требаше да се случи“, рече тој.
Во соопштението се наведува дека Шмале упатил извинување до јавноста поради неговата изјава за израелската телевизија „Канал 12“.
Од друга страна, Шмале преку соопштение објавено на Твитер тврди дека неговите изјави за „Канал 12“ се искривени.
Шмале упати извинување со следните зборови: „Моите последни изјави за телевизијата Канал 12 ги навредија лицата чии членови на семејствата и пријатели се убиени или повредени во војната која само што заврши. Навистина се каам поради тоа што им предизвикав болка.“
Инаку, Шмале во својата изјава за телевизијата „Канал 12“ рече: „Освен некои исклучоци, (израелската Војска) не ги погоди цивилните цели, но силно беше почувствувана бруталноста на нападите.“
Во нападите што Израел ги започна на 10 мај, а траеја 11 дена, загинаа најмалку 254 Палестинци, од кои 66 деца и 39 жени.