Ekip
29 Мај 2021•Ажурирај: 31 Мај 2021
РИМ
Бројките на инфекциите од коронавирусот (Ковид-19), на хоспитализациите и на смртните случаи нагло паѓаат низ Европа, по есента и зимата кога беше забележан голем број заразени и починати од последиците на Ковид-19, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во текот на есента и зимата во Европа од последиците на коронавирусот починаа стотици илјади луѓе, па затоа беа воведени ригорозни мерки, а здравствените системи беа пред колапс.
Процесот на вакцинирање се забрзува низ Европа, а со него и ветувањата дека летните одмори ќе биде можно да се поминат на некои популарни дестинации.
Европа оваа седмица забележа најголем пад на бројот на нови инфекции и на смртни случаи од Ковид-19 во однос на кој било друг регион, а исто така се известува дека околу 44 отсто возрасни примиле најмалку една доза од вакцината, според Светската здравствена организација (СЗО) и Европскиот центар за превенција на болеста и контрола.
Но бројот на нови случаи со вирусот нагло расте во југоисточна Азија и во поголемиот дел на Латинска Америка, а оваа седмица посебно се погодени Малдивите и Сејшелите.
„Прераното ублажување на мерките придонесе за порастот што го видовме во текот на 2020 година и во текот на првиот квартал од 2021“, предупреди доктор Мишел Ријан, шефот на СЗО за итни случаи.
Најголема грижа за Европа претставува многу заразната варијанта што прв пат е откриена во Индија, што оваа земја ја фрли на колена.
Сега оваа варијанта се шири и во Велика Британија. Британската Влада предупреди дека варијантата од Индија сочинува 50 до 75 отсто од сите нови инфекции и дека би можела да ги одложи плановите за укинување на преостанатите ограничувања на 21 јуни.
Зголемените случаи во Британија поврзани со оваа варијанта ги поттикнаа Германија и Франција оваа седмица да побараат карантин за британските патници.
„Се чини дека вакцините и понатаму се многу ефикасни против варијантата откриена во Индија, но важно е луѓето да ги добијат двете дози за да обезбедат целосен имунитет“, рече Равиндра Гупта, професор по Клиничка микробиологија од Универзитетот во Кембриџ.