АНКАРА (АА) - РАБИЈА ИЏЛАЛ ТУРАН -
Муслиманите во Франција го обвинуваат претседателот Емануел Макрон дека ја поделил земјата со контроверзните изјави за исламот, што континуирано ги дава во последните неколку недели, пишува Агенција Анадолија (АА).
Во услови на тензичност меѓу Владата и француските муслимани, Макрон во понеделникот објави фотографија на Твитер со натпис „Ние сме едно“, што Јасер Луати, челникот на Комитетот за правда и слободи за сите, го нарече шега, обвинувајќи го претседателот за исклучување на граѓаните муслимани.
„Како стигнавме од Франција, која ја издигнувавме во муслиманскиот или арапскиот свет за нејзиното одбивање да се приклучи на Америка во уништувањето на Ирак во 2003 година, до оваа Франција денес, бојкотирана под [власт на] Емануел Макрон?“, праша Луати во разговорот со Агенција Анадолија, додавајќи дека на Макрон му недостига разбирање на надворешната политика.
„Неговата ароганција не само што го подели француското население, туку и го доведе до криза“, додаде активистот за човекови права.
Фарид Хафез, политиколог и предавач на Универзитетот во Салцбург, Австрија, го опиша потегот на Макрон како „манифестација на дискриминација заснована на закон“.
„Макрон ја следи неговата стратегија за создавање француски муслимански идентитет, кој е пред сè невидлив, и второ, политички безопасен, не доведувајќи го во прашање статус квото на дискриминаторската политика на Франција кон својата муслиманска популација“, рече тој.
На 2 октомври, Макрон објави контроверзен план за справување со, како што рече, „исламскиот сепаратизам“ во Франција, велејќи дека верата ислам е во „криза“ низ целиот свет и ветувајќи дека ќе го „ослободи исламот во Франција од странски влијанија“.
Минатата недела тој застана во одбрана на богохулните карикатури за божјиот пратеник Мухамед, велејќи дека Франција „нема да се откаже од нашите карикатури“ по бруталното убиство на наставникот Самуел Пети, кој на часовите ги покажувал провокативните карикатури.
Според податоците на Министерството за внатрешни работи на Франција, досега годинава затворени се најмалку 73 џамии, приватни училишта и бизниси во Франција, земја со најбројно муслиманско малцинство во Западна Европа од околу 5 милиони.
- Макрон се натпреварува во истата линија како крајната десница -
Француските гласачи во април 2022 година, за помалку од две години, ќе излезат да гласаат на претседателските избори. Анкетите моментално покажуваат дека Макрон е изедначен со Марин Ле Пен, лидерката на крајнодесничарскиот Национален фронт.
Многумина веруваат дека стратегијата на Макрон за победа на следните избори е кооптирање на аргументите на крајната десница.
Според Енес Бајракли, истражувач во Фондацијата за политички, економски и социјални истражувања (SETA) со седиште во Анкара, Турција, Макрон се обидува да ги надмине своите проблеми во внатрешната и надворешната политика користејќи ги исламот и муслиманите како жртвено јагне.
„Макрон се обидува да го запре издигнувањето на екстремната десница со усвојување на нивните екстремни изјави“, рече тој.
Луати истакна дека Макрон нема што друго да покаже за неговата кандидатура бидејќи не успеа и на социјален и на економски план, потсетувајќи на движењата на Жолтите елеци и на други демонстрации.
„Тој нема што друго да ни покаже освен политиката за идентитетот. Во суштина, она што тој го говори е, јас не можам да ви дадам светла иднина. Можам само да ви ветам војна против муслиманите “, додаде тој.
- „Знаци на исламофобичен терористички бран -
Бајракли, кој е исто така коуредник на Извештајот за исламофобијата во Европа, рече дека смета оти ситуацијата во однос на муслиманите во Европа се влошува.
„Гледам знаци на исламофобичен терористички бран во Европа“, изјави тој за Агенција Анадолија (АА), повикувајќи се на порастот на екстремно десничарските мрежи низ целиот континент.
Последните неколку години се забележува пораст на екстремно десничарските терористички напади во западните земји.
Екстремно десничарските напади пораснаа за 320 отсто изминативе пет години во Северна Америка, Западна Европа и Океанија, покажуваат податоците за Глобалниот индекс на тероризмот во 2019 година.
На 22 јули 2011 година, норвешкиот екстремно десничарски терорист, Андерс Брејвик, уби осум лица во бомбашки напади во Осло и застрела 69 лица во младински камп на островот Утоја.
На 15 март 2019 година, Брентон Тарант, австралиски белец супремацист, уби 51 муслиман, кои се подготвуваа за петочна молитва во Крајстчрч, Нов Зеланд.
На 19 февруари 2020 година, германски крајнодесничарски екстремист нападна две турски кафулиња во западниот германски град Ханау, убивајќи девет лица со мигрантски корени.
Непријателството во Франција кон муслиманите се зголеми уште повеќе во последните неколку недели. На пример, минатата недела, две муслиманки што носеа шамии беа неколкупати прободени со нож во паркот кај Ајфеловата кула од напаѓачи кои извикуваа навредливи зборови како „валкани Арапи“.
Бајракли вели дека токму ова го очекуваат терористичките организации, како што е ДЕАШ, од Европа.
„Тие сакаат Европа да влезе во бран насилства. Европските политичари исто така влегоа во оваа игра поради евтини политички калкулации“, додаде тој.
- Молк од земјите членки на ЕУ -
Забраната за носењето шамии, потоа облеката за пливање „буркини“ и колењето животни на халал начин (според исламските прописи за исхрана), како и рестрикциите кон џамиите во некои европски земји, исто така, поттикнаа негодување.
„Но, планот на Макрон да ги контролира „странските влијанија“ во религијата не е нов за Европа. Во Австрија, финансирањето имами од странски држави веќе е забрането со Законот за исламот од 2015 година“, рече Хафез.
Макрон „го следи примерот и се обидува да ги наметне истите дискриминаторски мерки само против муслиманите, а не и против верниците од другите цркви и религиски деноминации“, нагласи Хафез.
„Она што го гледаме е интервенција врз религијата од страна на државите. Ова всушност е против секуларизмот“, рече Бајракли. „Државата не треба да се меша во внатрешните работи на религијата и теолошките расправи.“
На прашањето за молкот на европските лидери за зголемената напнатост во Франција, Јасер Луати рече дека тој го толкува тоа како „неодобрување на политиката на Макрон“.
Од друга страна, пак, Енес Бајракли рече дека тоа го гледа како поддршка.
„ЕУ дури избегнува да го користи зборот исламофобија“, додаде тој.
„ЕУ назначи координатор за „борба против омразата кон муслиманите“, избегнувајќи го користењето на терминот исламофобија“, рече тој.
„Според мое мислење, исламофобијата стана доминантна идеологија на 21 век, исто како и спротивставувањето на комунизмот за време на Студената војна.“
„Затоа постои политичко игнорирање и молк“, додаде тој.