Ekipa
29 Јули 2022•Ажурирај: 30 Јули 2022
АНКАРА (АА) - Висок француски офицер ја предупреди Австралија дека поседувањето нуклеарни подморници купени од Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија ќе биде многу поголема потешкотија од планот за изградба на нова флота од пловила со конвенционален погон, објавија денеска локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Францускиот подадмирал Николас Вожур, началникот за операции на Заедничкиот штаб на француската морнарица, за новинарите по состанокот со началникот на австралиските одбранбени сили, генерал Ангус Кембел, изјави дека земјите се обидуваат да ги обноват своите односи по минатогодишниот спор без дипломатски последици“, објави „Еј-би-си њуз“ (ABC News).
„Постојат многу предности кај нуклеарната подморница; таа може да остане долго време на море, но тоа значи дека треба да имате голема индустрија, синџири на снабдување и слично во вашата земја за да можете да управувате со тоа“, изјави Вожур
„Според моја лична проценка, многу е потешко да се има таков вид подморница отколку класичната подморница, така што за Австралија, Велика Британија и САД се надевам дека ќе го најдат најдобриот начин да одговорат на прашањето“, додаде тој.
Дипломатските односи меѓу Франција и Австралија се влошија минатиот септември, кога Австралија го потпиша договорот АУКУС со САД и Велика Британија за набавка на подморници на нуклеарен погон.
Австралија, исто така, ја откажа својата идна програма за подморници (FSP) со француската поморска групација за купување 12 подморници во вредност од 56 милијарди евра.
Ваквата одлука ги вознемири Макрон и неговата влада, кои ја изразија својата загриженост поради договорот.
Договорот на трите земји беше склучен за да се осигура безбедноста на Австралија во регионот - област на растечка загриженост поради континуираната економска и воена експанзија на Кина.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе објави дека неговата земја ќе ѝ плати на француската поморска групација 555 милиони евра како компензација за откажувањето од договорот.
Во меѓувреме, високиот француски функционер во областа на одбраната присуствуваше на тридневната конференција на началниците на одбраната на Индопацификот (CHODs) во Сиднеј, заедно со воените претставници од 27 земји, која заврши на 27 јули.
Вожур истакна дека прашањето меѓу двете земји е решено по компензацијата, но дека австралиската одлука го изненадила и дека новиот договор ќе биде предизвик за Канбера.