свет

Франција ќе ја мобилизира дипломатијата за деескалација на израелско-палестинската криза

Изразувајќи загриженост за новиот бран интензивирани судири, кои нанесоа огромна штета, министерот Жан Ив Ле Дриан рече дека Франција заедно со Германија, и особено со Египет и Јордан е мобилизирана за да помогне во намалувањето на тензиите

Ekipa  | 13.05.2021 - Обновена : 14.05.2021
Франција ќе ја мобилизира дипломатијата за деескалација на израелско-палестинската криза

ПАРИЗ (АА) - Франција ќе ги засили дипломатските напори со Европа и земјите од Блискиот Исток кон деескалација на смртоносните судири меѓу Израел и Палестина, изјави францускиот министер за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).

Изразувајќи загриженост за новиот бран интензивирани судири, кои нанесоа огромна штета, Жан Ив Ле Дриан рече дека Франција заедно со Германија, и особено со Египет и Јордан е мобилизирана за да помогне во намалувањето на тензиите.

„Четирите земји ќе ги поттикнат Израел и Палестина да продолжат со дијалогот, со цел „праведно и трајно решавање на конфликтот“, во рамките на Меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН“, објави тој во изјава до Сенатот.

Ле Дриан рече дека во овој момент, единствениот приоритет е „ублажување на напнатоста“ и дека ќе разговара со неговите израелски и палестински колеги за да им пренесе за „деескалацијата“.

Изјавата на министерот за надворешни работи следуваше по неговото отсуство за време на часот на прашања и одговори во Националното собрание во понеделникот, кога пратениците од опозицијата го критикуваа „одмерениот“ одговор на Владата. Во првото официјално соопштение објавено во понеделникот, Франција не ги критикуваше израелските напади врз Џамијата „Ал-Акса“ и палестинските верници, туку остро ги осуди „ракетните напади од Појасот Газа насочени кон израелска територија“.

Зборуваа и сенаторите од Комунистичката партија, Клементин Аутеин и Елса Фаусилон, при што Аутеин ја повика Владата да ги осуди злоупотребите на Израелската армија и да не изразува само „загриженост“ за насилната ситуација, додека Фаусилон рече дека „тишината на Франција придонесува за неказнивост за израелските злосторства“.

Ле Дриан потврди дека Франција е сериозно загрижена за ситуацијата во Ерусалим и рече дека разговарал за прашањето за „строгото зачувување на историското статус кво“ на „Esplanade des Mosquees“ и светото место Бејт ал Магдис со Јордан.

Тој, исто така, ја осуди колонизацијата на Израел преку присилното иселување на палестинските жители на Источен Ерусалим во близина на Стариот Град и во населбата Шеик Џарах и го истакна гарантирањето на правото да се демонстрира мирно.

Ле Дриан рече дека тековната состојба произлегува од недостиг на политичко решение што трае предолго и дека решението лежи во формирање две држави кои ќе живеат рамо до рамо во мир и безбедност, со Ерусалим (Кудс) како главен град на двете држави.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.