Yusuf Özcan
07 Јануари 2022•Ажурирај: 09 Јануари 2022
ПАРИЗ
Судот во Франција осуди шест полицајци на затворска казна поради насилство и расистички навреди за време на приведувањето на еден Египќанец минатата година, објавија во четвртокот локалните медиуми, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Полицајците, кои упатија расистички навреди и насилство при приведувањето на 29-годишниот Самир Елгенди во Париз во април 2020 година, беа осудени од судот во Бобињи на затворска казна од 6 до 12 месеци.
„Среќен сум, правдата е задоволена. Извршена ми е неправда, ме нападнаа. Задоволен сум од оваа одлука“, изјави Елгенди.
Лоран-Франк Лиенар, адвокат на еден од полицајците, рече дека ќе се жали на одлуката на судот, додавајќи дека институцијата не зела предвид ниту еден од доказите што ги приложиле.
Во меѓувреме, Арие Алими, адвокатот на Елгенди, истакна дека одлуката на судот е победа против расизмот и насилството во полициската управа.