Yusuf Özcan
15 Ноември 2021•Ажурирај: 16 Ноември 2021
ПАРИЗ
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, наведувајќи дека неговата земја е изложена на последиците од политиката на Велика Британија за нерегуларните имигранти, рече: „Британците не можат да ни држат лекции“, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Дарманин во изјава за телевизискиот канал „Cnews“ рече дека има многу нерегуларни мигранти кои чекаат да преминат во Велика Британија во градот Кале на Ла Манш.
Наведувајќи дека ваквата состојба се должи на политиката на британската Влада, Дарманин рече: „Би сакал мојот британски колега да го потсетам дека невладините организации се тие што ја спречуваат работата на полицијата и жандармеријата. Повеќето од нив се Британци и има британски државјани што живеат во Франција.“
Дарманин нагласи дека доколку Велика Британија ги промени законите за прием на нерегуларни мигранти, овие мигранти нема да останат во градовите Кале или Денкерк.
„Ги трпиме последиците од британската политика. Неопходно е да не се менуваат улогите“, нагласи Дарманин.
Дарманин, коментирајќи ја политиката за нерегуларните имигранти на неговата земја, рече: „Британците не можат да ни држат лекции“, посочувајќи дека Британците не треба да ја користат Франција во „домашната политика“.
- Во земјата за 11 дена преку Франција влегле 3.780 лица
Дарманин вечерва во Париз ќе се сретне со британската министерка за внатрешни работи, Прити Пател.
И покрај проценките дека овој месец во Велика Британија ќе пристигнат околу 2.000 имигранти, во земјата преку Франција влегле 3.780 луѓе само во првите 11 дена.
Во својата изјава на 31 октомври, францускиот претседател Емануел Макрон нагласи дека голем број нерегуларни мигранти во Кале немаат барање за азил во Франција, туку сакаат да одат во Англија.
„Тензијата по ова прашање се зголеми и тоа предизвика политички дебати во Велика Британија. Не можеме да прифатиме некои практики, како што е туркањето назад на оние што доаѓаат по море. Ова е спротивно на меѓународното хуманитарно право. Имавме повеќе разговори со премиерот Борис Џонсон за ова“, рече Макрон.