Yusuf Özcan
27 Октомври 2021•Ажурирај: 28 Октомври 2021
ПАРИЗ (АА) - Франција ќе затвори уште седум џамии и здруженија до крајот на годината кои се сомничат за промовирање на „радикален исламизам“, изјави францускиот министер за внатрешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Жералд Дарманин ја поздрави одлуката да се затвори џамијата во градот Алонес на шест месеци под образложение дека стои во одбрана на „радикалниот ислам“.
Дарманин рече дека банкарските сметки на управителите на џамиите се исто така запленети, додавајќи дека откако претседателот Емануел Макрон ја презел функцијата во земјата затворени се и 13 здруженија.
Истакнувајќи дека 92 од 2.500 џамии во државата се затворени како резултат на инспекции, Дарманин кажа дека од септември 2020 година, дозволите за престој на 36.000 странци биле прекинати со образложение дека тие лица претставуваат закана за јавниот ред.
- Закон за антисепаратизам -
Во август, највисоките конститутивни власти во Франција го одобрија контроверзниот закон за „антисепаратизам“ кој беше критикуван дека ги издвојува муслиманите, поништувајќи само два члена од законот.
Предлог-законот беше усвоен од страна на Националното Собрание во јули, и покрај силното противење од левичарските и од десничарските пратеници.
Владата потврди дека законот има за цел да го зајакне секуларниот систем на Франција, но критичарите сметаат дека тој ги ограничува верските слободи и ги маргинализира муслиманите.
Законот беше критикуван поради таргетирање на муслиманското општество во Франција, најголемото во Европа, со 3.35 милиони припадници, кои имаат наметнати ограничувања на многу аспекти од нивниот живот.
Законот дозволува службениците да интервенираат во џамиите и во здруженијата, како и за контрола на финансиите на здруженијата поврзани со муслиманите и невладините организации. Исто така го ограничува изборот на едукација на муслиманите, правејќи домашното школување да биде можно само со официјална дозвола.
Според законот, на пациентите им е забрането да бираат доктори врз основа на полот, религијата и други причини и „секуларното образование“ е задолжително за сите државни службеници.
Франција беше критикувана од страна на меѓународните организации и невладиниот сектор, а особено од Обединетите нации (ОН), за трагетирање и маргинализирање на муслиманите со овој закон.