Alaattin Doğru
12 Март 2021•Ажурирај: 13 Март 2021
ПАРИЗ
- АЛААТИН ДОГРУ
Возачот, чие клањање во автобус на аеродром во Франција беше оценето како „знак на радикализација“ и поради тоа е отпуштен по повеќегодишна работа на аеродромот, чека манифестирање на правдата во судскиот процес што го покрена за да си ја врати работата.
Возачот од безбедносни причини го користи псевдонимот Анис. Сефен Гуез Гуез, адвокатот на возачот, во изјавата што му ја даде на новинарот на АА истакна дека неговиот клиент долго време на Аеродромот „Шарл де Гол“ го возел персоналот на „Ер Франс“.
Адвокатот Гуез Гуез истакна дека на 24 јануари 2017 година, кога Анис го извршувал своето клањање во автобусот, екипажот на „Ер Франс“ сакал да се качи во автобусот, но вратите на автобусот биле затворени.
Поради тој настан, како што истакна адвокатот Гуез Гуез, еден од членовите на екипажот, Анис го пријавил во полициското одделение.
Адвокатот Гуез Гуез истакна дека приближно четири години по жалбата, директорот на полицијата на неговиот клиент му ја откажал акредитацијата за влез на аеродромот.
- Клањањето намаз е опишано како знак на радикализација
Посочувајќи дека началникот на полицијата, акредитацијата на возачот ја обновил во 2018 година, Гуез Гуез рече дека интересен е фактот дека одлуката за поништување на акредитацијата донесена на 27 октомври 2020 година се совпаѓа со времето кога беше убиен наставникот по филозофија, Самуел Пети, по кој муслиманите беа земени како мета.
Адвокатот додаде дека во одлуката за откажување на акредитацијата пишувало дека „клањањето во работно време е знак на сериозна радикализација“.
Гуез Гуез, истакнувајќи дека Анис е татко на четири деца, рече дека на Аеродромот „Шарл де Гол“ работел 16 години.
За разлика од началникот на полицијата, колегите на Анис изјавиле дека неговиот клиент не претставува јавна закана и дека бил нормален муслиман кој ги исполнувал своите верски должности.
-„Очигледно е дека се работи за исламофобија“
Наведувајќи дека Судот својата конечна одлука ќе ја соопшти на 25 март, Гуез Гуез рече: „Началникот на полицијата, клањањето кое се извршува преку ден, и која е верска должност на сите муслимани, го смета како закана за јавната безбедност, а молитвата и исламот ги поврзува со тероризам. Очигледно е дека се работи за исламофобија.“
Гуез Гуез истакнувајќи дека она што се случило можеби е предизвикано од недоволно познавање на исламот или поради расистички ставови, додаде:
„Оваа ситуација покажува дека менталитетот во француските административни институции кој на еден муслиман гледа како на закана за јавноста е резултат на незнаење или расизам. Да, може да се каже дека тој не требаше да клања во автобусот, но, одземањето на акредитацијата поради таа причина не е нормално. Наскоро ќе започне Рамазан. Ако мојот клиент не руча, дали ќе речеме дека е закана за јавноста и дали ќе му ја одземеме акредитацијата. Тоа не е нормално. Не се сомневаме дека правдата ќе увиди дека ова е погрешен став и ќе донесе одлука дека мојот клиент е во право.“
Адвокатот Гуез Гуез, истакнувајќи дека и вештакот до Судот предложил да се повлече одлуката за одземање на акредитацијата, рече дека истата одлука ја очекува и од началникот на полицијата.

- Во Франција исламот и муслиманите се на дневен ред
Во Франција живеат приближно 6 милиони муслимани, претежно со северно африканско потекло. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, во изјавата дадена на 2 октомври 2020 година, муслиманите ги прогласи за „исламистички сепаратисти“. Подоцна, поради притисоците, описот „исламистички сепаратисти“ го смени во „Принципи за зајакнување на почитувањето на републиканските закони“.
Исламот и муслиманите станаа главна агенда во земјата откако е убиен наставникот, кој за време на часот покажувал карикатури на божјиот пратеник Мухамед, на 16 октомври 2020 година.
Голем број муслимански невладини организации, хуманитарни организации и џамии исто така, се затворени со образложение дека биле вклучени во радикални активности во тој период, а голем број луѓе се упатени на суд од истата причина.
Од друга страна, забележано е дека во медиумите во земјата се зголемени антиисламските дискурси на „интелектуалците“ и политичарите.
Во меѓувреме, сепаратистичкиот Нацрт-закон, кој беше критикуван од Обединетите нации (ОН), меѓународната заедница и бранителите на човековите права со образложение дека ги таргетира муслиманите, помина низ долното крило на Парламентот.
Нацрт-законот во Сенатот ќе се гласа на крајот на март.