Yusuf Özcan
30 Септември 2021•Ажурирај: 01 Октомври 2021
ПАРИЗ (АА) - Како резултат на инспекциите извршени во 89 џамии во Франција од ноември 2020 година, една третина од нив се затворени, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманин, за весникот „Ле фигаро“ (Le Figaro) истакна дека пред да стапи на сила „сепаратистичкиот“ закон, затворени се 650 места во земјата каде што се присутни „екстремисти“, а во 24.000 извршени се инспекции од страна на полицијата.
Наведувајќи дека како резултат на инспекциите од ноември 2020 година извршени во 89 џамии со тврдење за „радикализација“, една третина од нив се затворени, Дарманин рече дека започнати се и процедурите за затворање на уште шест џамии во регионите Сарт, Мерт-и-Мозел, Кот -д’Ор, Рона и Гард.
Дарманин истакна дека се противат на изградбата на Џамијата „Ејуп Султан“ во Стразбур, која е поврзана со Исламската заедница „Национално мислење“ (IGMG), и покрај дозволата на Општината.
Споделувајќи ги информациите дека досега се затворени пет здруженија што припаѓаат на муслиманите со образложенија дека се на линија на „политичкиот ислам“, Дарманин рече дека „сепаратистичкиот“ закон им овозможува да направат повеќе од тоа, и дека вкупно уште десет здруженија ќе бидат затворени, од кои четири во октомври.
Дарманин, меѓу другото, ја сподели информацијата дека под образложение дека се „сепаратисти“, конфискувани се банкарските сметки на 205 здруженија и дека двајца имами се протерани.
„Ние шириме терор кон оние кои сакаат да ни наметнат терор“, рече Дерманин, истакнувајќи дека од 2023 година верските службеници од странство нема да можат да доаѓаат во земјата и дека тој им наложил на гувернерите да не ги обновуваат дозволите за престој на оние што се тука.
Министерот Дарманин исто така истакна дека нема да прифатат обновување на дозволите за престој на лица осудени за трговија со дрога и семејно насилство во земјата.
Дарманин наведе дека строго го ограничиле бројот на визи издадени за алжирски, туниски и марокански државјани.
Франција е критикувана за мешање во животот на муслиманите со донесениот „сепаратистички“ закон, кој стапи на сила во август.
Меѓу главните прашања што ги решава законот се непристрасноста во јавниот сервис и почитувањето на вредностите и принципите на Републиката, полигамијата и принудниот брак, ограничувањето на образованието од далечина, прегледот на статусот на приватните училишта и здруженијата за да може да бидат контролирани, како од аспект на активности, така и финансиски.