Nur Asena Ertürk
06 Април 2023•Ажурирај: 07 Април 2023
АНКАРА (АА) – Франција денес влезе во 11. ден од масовните протести против пензиските реформи на Владата, јавува Анадолу.
Владата и претседателот Емануел Макрон немаат волја за повлекување од пензиските реформи, а вчерашната средба меѓу премиерката Елизабет Борн и синдикатите не даде позитивен резултат.
Синдикатите и работниците остануваат одлучни во своето противење, а денес е 11-тиот ден на собири од јануари, со протести низ целата земја.
Националната железничка компанија SNCF и Париската регионална транспортна компанија RATP соопштија дека нивниот сообраќај ќе биде нарушен.
Наставниците од основните училишта, работниците од енергетскиот и од другите сектори излегоа на протести додека учениците ги блокираа влезовите на универзитетите во многу градови, меѓу кои и Лион и Ница.
- Насилство за време на протестите -
Актите на насилство ги одбележаа протестите во текот на изминатите недели, при кои групи прекршители на законот палеа контејнери, предизвикаа пожари во разни објекти и фрлаа проектили кон полицијата.
Полицајците уапсија стотици осомничени, а беа критикувани и за непропорционална употреба на сила и произволни апсења.
Француските власти за денес очекуваат и до 800.000 демонстранти, од кои и 90.000 во Париз, објави телевизијата BFMTV.
Вкупно 11.500 полицајци ќе бидат распоредени низ земјата за да интервенираат при можни инциденти, од кои 4.200 во Париз, соопшти Министерството за внатрешни работи, јави весникот „Фигаро“.
- Спорот меѓу синдикатите и Владата -
Премиерката Борн вчера ги прими претставниците на синдикатите на разговори за нацрт-законот за пензиските реформи.
Генералниот секретар на синдикатот на Француската демократска конфедерација на трудот (CFDT), Лоран Берже, по состанокот за новинарите изјави: „Живееме демократска криза. Социјалната криза станува демократска криза.“
Борн го призна несогласувањето со синдикатите и за состанокот изјави дека дискусијата била со почит.
Изјавите на Берже видно ја налутиле Владата, јавија француските медиуми.
Министерот за труд, Оливие Дусоп, за телевизијата BFMTV изјави дека „постои социјална криза, социјален конфликт, а не демократска криза“.
Портпаролот на Владата, Оливие Веран, за телевизијата „Франс Интер“ изјави: „Не се согласуваме, но разговараме. Контактот е продолжен, дијалогот постои и ние имаме намера да работиме со синдикатите.“
- Планот за пензиските реформи, извор на гнев кај народот -
Владата го објави проектот за реформите во јануари, а Парламентот почна да го разгледува и расправа за нацрт-законот следниот месец.
Работниците и синдикатите оттогаш изразија растечки гнев преку одржување на демонстрации и протести против реформите кои вклучуваат зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години до 2030 година, и најмалку 43 години работен стаж за вработениот да се квалификува за целосна пензија.
Политичките и општествените тензии се зголемија кога Макрон и Борн решија да ги искористат посебните уставни овластувања, членот 49.3, на 16 март за да го спроведат планот без одобрение од Парламентот.
Одлуката беше донесена поради страв дека пратениците ќе можат да ги блокираат реформите бидејќи Владата нема апсолутно мнозинство во законодавниот дом.
Протестите потоа станаа насилни кога одредени групи се инфилтрираа на собирите низ целата земја, а полицијата беше критикувана за произволни апсења и непропорционална употреба на сила.