Ahmet Gürhan Kartal
20 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
ЛОНДОН (АА) - Нова фотографија на која се гледа како британскиот премиер Борис Џонсон не ги следи владините препораки за коронавирусот во 2020 година, во периодот кога беше дозволена средба на само две лица поради пандемијата со коронавурусот, предизвика нова контроверзност во Велика Британија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фотографијата ексклузивно споделена од страна на весникот „Гардијан“ го прикажува Џонсон со неговата сопруга Кери и неговото новородено бебе, и дел од персоналот, седнати околу маса во градината на Даунинг Стрит, со вино на масата.
Фотографијата беше објавена од весникот откако Кабинетот на премиерот ги негираше тврдењата дека се одржала таква средба во мај 2020 година и дека ограничувањата поставени од Владата биле прекршени на Даунинг Стрит.
Порпаролот на Џонсон рече дека персоналот на Даунинг Стрит работел во градината, сепак на фотографијата наводно направена во мај 2020 година се гледа дека 19 луѓе биле во градината, непочитувајќи ги ограничувањата.
Џонсон и неговата сопруга Кери, на која се гледа како го држи нивното новородено бебе, беа фотографирани на маса на која има сервирано сирење и вино, заедно со двајца луѓе за кои се смета дека се државен службеник и помошник.
„Работните состаноци често се одржуваат во градината на Даунинг Стрит во летните месеци“, пишува во соопштението.
„По тој повод, имаше состаноци на персоналот по прес-конференцијата на Број 10“.
Новата фотографија доаѓа во еден од најтешките периоди на Џонсон додека е на функција, особено по случувањата минатата недела, откако опозицијата во Конзервативната партија се зголеми поради регулативите за коронавирусот, големиот пораз на дополнителните избори во Северен Шропшир, и шокантната оставка на министерот за Брегзит, Дејвид Фрост.
Фотографијата доаѓа по низа тврдења дека персоналот на Даунинг Стрит ги прекршил мерките на божиќните забави и други социјални настани. Сајмон Кејс, секретарот на Кабинетот, мораше да се повлече по налогот на Џонсон да се започне истрага за тврдењата. Се покажа дека канцеларијата на Кејс ја организирала забавата.