Mücahit Aydemir
16 Ноември 2020•Ажурирај: 16 Ноември 2020
ТУНИС
Форумот за политички дијалог во Либија, што веќе една недела продолжува во Тунис под водство на Обединетите нации (ОН), е одложен за идната недела поради немање консензус за имињата што ќе управуваат со процесот за транзиција, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На прес-конференцијата одржана на седмиот, последен ден, на Форумот, Стефани Вилијамс, претставничката на Мисијата за поддршка на Либија (UNSMIL), изјави дека „10-годишниот конфликт не може да се реши за една недела“ и најави дека учесниците ќе се состанат повторно една недела подоцна преку видеоконференција.
Вилијамс истакна дека на следниот состанок учесниците „ќе се согласат за механизмот за избор на извршната власт“.
Според информациите добиени од извори што учествуваат на Форумот, не е постигнат консензус за имињата и извршниот механизам што ќе управуваат со процесот на транзиција до изборите што ќе се одржат на крајот на 2021 година.
Во изјавата што ја даде во петокот вечерта, Вилијамс соопшти дека учесниците на Форумот „се согласија да одржат општи избори во земјата на 24 декември 2021 година, и дека преодниот рок ќе заврши заедно со изборите“.
Учесник на Форумот од Државниот врховен совет, што сакаше да остане анонимен, во изјавата дадена за Агенција Анадолија (АА) рече дека Форумот е блокиран со образложение дека некои учесници инсистирале на тоа Акиле Салих, претседателот на Претставничкиот дом од Тобрук, сојузник на нелегитимните вооружени сили, да претседава со Претседателскиот совет за време на транзицијата.
На Форумот што започна во главниот град на Тунис во понеделникот, 9 ноември, учествуваа 75 лица од различни делови на Либија, избрани од Обединетите нации (ОН).