Mahmut Geldi
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Светската унија на исламски научници (IUMS) издаде фетва во врска со последните напади и насилства на војската на Мјанмар врз муслиманите во Аракан, според која пружањето поддршка на Рохинџа муслиманите е фарз, односно строга должност на секој муслиман, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението од Унијата се истакнува дека пружањето поддршка на муслиманите од Аракан според можностите е строга обврска (фарз) на секој муслиман, и упатен е повик утрешната хутба на петочната молитва (џума-намаз) да биде посветена на поддршката на муслиманите од Аракан.
Државниците од исламскиот свет се повикани да извршат економски и политички бојкот на оние што вршат насилство врз муслиманите, а хуманитарните организации се повикуваат да достават што е можно повеќе помош за овој регион.
Светската унија на исламски научници (IUMS) исто така ги повикува претставниците на медиумите да го сторат она што е неопходно кога се во прашање случувањата во Мјанмар.
Генералниот секретар на Унијата, Али Ал Карадаги, повика да се спасат муслиманите од Аракан. Тој, исто така, апелираше на утрешните хутби да се говори за случувањата во Мјанмар, и по молитвата да се одржат протести за солидарност.
„Во Аракан, илјадници цивили се убиени или принудени да ги напуштат своите домови. Тоа е срам за целиот свет. Араканските муслимани се наши браќа по вера, а изложени се на безмилосни напади. Спасете ги!“, порача Ал Карадаги.
Високиот комесаријат на Обединетите нации за бегалци, вчера соопшти дека бројот на муслимани од Аракан кои пребегале во Бангладеш достигнал 146.000.
.