Dildar Baykan
07 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
БАНКОК (АА) - Шефицата на дипломатијата на Мјанмар и државна министерка задолжена за работата на Претседателството на Мјанмар, Аунг Сан Су Чи, истакна дека е потребно време за решавање на прашањето во Аракан, јавува Anadolu Agency (AA).
Су Чи пред новинарите изјави дека Владата, која на должност стапи пред 1,5 години, работи на заштитата на животите на араканските муслимани и додаде: „Меѓутоа, неразумно би било од нас да очекувате само за 18 месеци да решиме сѐ“.
Таа рече дека со нетрпение очекува мјанмарската Влада да ги спроведе препораките од Советодавната комисија за Аракан, предводена од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан. „На полето за развој се трудиме да го најдеме најбрзиот пат, но еден од нашите најголеми проблеми е недоволниот број ресурси“, рече Су Чи.
- Кампања за одземање на Нобеловата награда за мир доделена на Су Чи
Во исто време, преку интернет-страницата Change.org, започната е кампања со собирање потписи, за одземање на Нобеловата награда за мир што на Су Чи ѝ беше доделена во 1991 година за „Ненасилна борба за демократија и човекови права“.
Во кампањата со седиште во Индонезија, во која се собрани 366.000 потписи, се вели дека „таканаречениот лидер на Мјанмар, Су Чи, речиси не направи ништо за да ги запре злосторствата врз човештвото што се извршуваат во нејзината земја“.
Вообичаено, Комитетот за нобелови награди не ја повлекува доделената Нобелова награда во било која гранка без претходно детално да бидат разгледани случувањата и настанатите процеси.
Под изговор за борба против милитантните групи, во нападите на мјанмарската војска и вооружените будистички милитанти, животот го загубија голем број аракански муслимани. Нападнати се повеќе од 60 села, од кои десетици се запалени, поради што десетици илјади аракански муслимани беа принудени да избегаат кон соседен Бангладеш.
Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да преминат од Аракан во Бангладеш, преку копно и вода, со цел да избегаат од нападите. Обединетите нации (ОН) соопштуваат дека досега, над 146.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш, а десетици илјади чекаат во пограничните зони.
Не може да се утврди точниот број на убиените лица поради тоа што мјанмарската Влада не им дозволува на меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени повеќе илјади лица.