Ali Korkmaz
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
ИЗМИР (AA) – Во западниот турски град Измир, в сабота, на 9 септември ќе биде положен камен-темелник за изградба на три фудбалски стадиони за клубовите Алсанџак, Ѓозтепе и Каршијака, јавува Anadolu Agency (AA).
Во присуство на премиерот на Република Турција, Бинали Јилдирим, а по повод ослободувањето на градот Измир, в сабота ќе биде положен камен-темелник за три нови фудбалски стадиони во овој град.
Се работи за стадионот „Асланџак“, кој беше затворен пред три години поради неговата несеизмичка градба. Овој стадион е срушен во 2015 година, а на негово место ќе биде изграден нов, модерен стадион, со капацитет од 14.000 навивачи.
На новите, модерни стадиони во Измир особено ќе се израдуваат навивачите на двата измирски ривали Каршијака и Ѓозтепе, клубови коишто првиот дерби меч го одиграа во далечната 1944 година. Стадионите би требало да бидат готови за помалку од две години.
За разлика од земјите кои ја добиваат можноста да бидат домаќин на меѓународни спортски натпреварувања, а потоа се соочуваат со проблеми за адаптација и изградба на спортски терени за тие натпреварувања, Турција во изминатите три години не доби организација на фудбалските натпреварувања, но истовремено во 26 градови подигна 30 современи стадиони.
Освен јакнењето на фудбалот како спорт, во Турција сѐ почесто се отвораат нови спектакуларни фудбалски зданија, а сите тие ги задоволуваат сите норми и критериуми што ги постави Европската куќа на фудбалот, УЕФА.
Во изминатите три години, во 26 турски градови се градат вкупно 30 фудбалски стадиони. Од нив веќе е завршена изградбата на десет стадиони, а градежните активности на девет стадиони се во завршна фаза. Изградбата на четири стадиони е во тек, а за уште седум такви фудбалски храмови е завршен проектниот и тендерскиот дел од работата и наскоро се очекува да започнат и градежните активности.
Во изминатите три години, отворени се десет нови стадиони во Турција, и тоа „Мерсин Арена“ (со капацитет од 25.000 гледачи), Третиот градски стадион „Фатих Терим“ во Истанбул (17.500), Градскиот стадион во Коња (42.000) „Афјон Арена“ (15.000), „Анталија Арена“ (33.000), Градскиот стадион во Бурса (45.000), „Водафон Арена“ (41.903), нов стадион во Сивас „4. септември“ (25.000), нов стадион во Ескишехир (35.000) и стадионот „Шенол Ѓунеш“ (41.461).
Наредната година се очекува да се отворат уште девет стадиони во Турција, и тоа стадионот во Батман (со капацитет од 15.000 гледачи), потоа во Газиантеп (33.000), Малатја (25.000), Сакарја (25.000), Самсун (33.000), Дијарбакир (33.000), Хатај (25.000) и во Тургутлу во Маниса (12.000).