Furkan Naci Top
07 Септември 2017•Ажурирај: 08 Септември 2017
АТИНА (AA) – Францускиот претседател Емануел Макрон допатува во дводневна официјална посета на Атина и во таа пригода изјави дека Франција ќе продолжи да го поддржува останувањето на Грција во еврозоната, јавува Anadolu Agency (AA).
Макрон со највисоки државни почести беше пречекан во Атина, од страна на грчкиот претседател Прокопис Павлопулос, кој на францускиот лидер во таа пригода му врачи и Државен одрен на честа.
Во текот на заедничката конференција за новинарите, Макрон истакна дека Грција под голем притисок се бори да остане во еврозоната и вети продолжување на француската помош во таа борба.
„Франција и понатаму ќе биде со Грција. Вашата земја минува низ тежок период и народот многу се жртвува. Охрабрувачки се резултатите од реформите што ги спроведува грчката Влада“, рече Макрон.
Тој истакна дека во Грција е придружуван од многубројна делегација од француски стопанственици, и истакна оти сака да ја интензивира трговската соработка меѓу двете земји.
Грчкиот претседател Павлопулос рече дека е незамислива иднината на Грција надвор од семејството на Европската Унија.
„Грција ќе ги исполни своите обврски што произлегуваат од пакетот помош за излез од кризата. Меѓутоа, и нашите европски партнери треба да ги исполнат своите обврски во давањето гаранција за одрживост на процесот на враќање на грчкиот долг“, порача Павлопулос.
Тој рече дека Франција има важна улога во штитењето на државата и на социјалните права во Европа и додаде оти не смее да се дозволи да ескалира нееднаквоста во европското општество, како и подем на неонацистичките движења.