Lokman İlhan
08 Јуни 2017•Ажурирај: 08 Јуни 2017
БОГОТА (АА) - Лидерот на Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), Родриго Лондоно, соопшти дека уште 30 отсто од нивното оружје им го предале на Обединетите нации (ОН), јавува Anadolu Agency (AA).
Со процесот на разоружување кој започна со мировниот договор потпишан од страна на колумбиската Влада и ФАРК, бунтовниците имаат рок до 20 јуни да го предадат оружјето на претставниците од ОН, на отворените 26 места за собирање на оружјето во земјата, под надзор на Механизмот на ОН за мониторинг и верификација на примирјето (ММ&В).
„30 отсто од нашето оружје е предадено на ОН. Ние го држиме дадениот збор. Овој е еден ефикасен почеток на збогувањето со нашето оружје.“ истакна Родриго Лондоно, лидер на ФАРК кој е познат по името Тимошенко, во говорот што го одржа во местото за собир на оружјето во Кано Индио, кој се наоѓа во руралниот регион на градот Тибу.
Лондоно пренесе дека според сегашниот план, 30 отсто од нивното оружје ќе го предадат на ОН до 14 јуни, а уште 40 отсто до 20 јуни. „Никогаш веќе нема да употребиме насилство. Нашето единствено оружје ќе бидат нашите зборови. За ова дадовме збор, и ќе го одржиме. Нѐ чека една легитимна и јасна политичка борба со прифаќањето на народот“, вели Лондоно.
Милитантите на ФАРК се собраа на 26 места за разоружување во земјата, во рамките на мировниот договор потпишан од страна на колумбиската Влада и ФАРК, на 1 март, и преминаа на фазата на разоружување. ФАРК за првпат во 50-годишната историја на судирите, на 17 март предаде 140 парчиња оружје на Механизмот на ОН за следење и верификација на примирјето (ММ&В). Процесот на разоружување требаше да заврши кон крајот на мај, но со задничка одлука на страните, овој процес беше продолжен до 20 јуни.
На референдумот за првиот мировен договор потпишан на 2 октомври 2016 година, меѓу колумбиската Влада и ФАРК, учествуваа околу 13 милиони Колумбијци, а тој резултираше со 50,24 отсто гласови „НЕ“.
По долгите преговори на страните коишто повторно седнаа на маса за ова прашање во главниот град на Куба, Хавана, на 12 ноември 2016 година беше постигнат нов мировен договор, кој потоа на 24 ноември минатата година беше потпишан од страна на претседателот Хуан Мануел Сантос и лидерот на ФАРК, Родриго Лондоно.
Во текот на граѓанската војна во Колумбија, држава со 48 милиони жители, во судирите коишто траат повеќе од 50 години меѓу владините сили и милитантите на ФАРК, загинаа околу 260.000 лица, а раселени се повеќе од шест милиони жители.