БОГОТА (АА) - ДАНИЕЛ САЛГАР АНТОЛИНЕЗ/ МУХАМЕД ЕМИН ЧАНИК -
Претседателот на новата политичка партија во Колумбија, „Алтернативна револуционерна сила на народот (FARC)“, Родриго Лондоно, кој беше и поранешен лидер на Вооружените револуционерни сили на Колумбија (FARC), кои се разоружија, во врска со мировниот процес што беше нарушен поради вооружувањето на некои поранешни лидери на оваа организација, рече дека факт е оти припадниците на Вооружените револуционерни сили на Колумбија (FARC), кои го оставиле нивното оружје, се убиваат, и дека и покрај тоа што ги убиваат, тие се движат на патот кон мирот.
Претседателот на ФАРК, Лондоно, даде изјава за Anadolu Agency (AA) во седиштето на неговата партија, при што говореше во врска со одлуката за вооружување донесена од страна на Иван Маркес, кој е главен преговарач во мировниот договор меѓу колумбиската Влада и ФАРК, заедно со некои поранешни лидери.
Лондоно се осврна и на влијанието на одлуката за вооружување врз мировниот договор.
„Добро е да се отвори нова страница во ова прашање. Мојот заклучок е дека (тие) се неколку старомодни мечтатели кои објавија декларација за да ги скријат нивните грешки. Тие немаат ниту проект ниту пак, влијание врз тоа што го правиме ние. Ние како мнозинство од над 95 отсто од лицата кои го потпишавме мировниот договор, на партијата ФАРК, на Колумбија и на светот му ветивме дека ќе стоиме на нашиот збор“, рече Лондоно.
- „Одлуката за повторно вооружување нема праведна страна“
Запрашан дали лицата кои донеле одлука за вооружување претставуваат сериозна закана, Лондоно одговори:
„Го познавам поголемиот дел од лицата кои донесоа одлука за вооружување, живеев заедно со нив, заедно учествував во судири. Искрено, жал ми е за оваа одлука, бидејќи Маркес и Хесус Сантрич имаа голема улога во мировните преговори во Хавана. Но, жално е што со оваа одлука ги нарушија сите овие напори“.
Лондоно нагласи дека тешко се формира структурата на една вооружена организација.
„Видете, потребни беа повеќе од 50 години да се формира една структура со условите кои ФАРК ги поседуваше до мировните преговори. Не е лесно луѓето да ги држиш во единство под одредени принципи, и да се формираат единици среде исклучително сложен и тежок конфликт во кој може да излезат од контрола и лицата кои се под ваша контрола“, рече Лондоно.
Исто така, тој нагласи дека е остро против одлуката за повторно вооружување.
„Не само ФАРК, туку и другите политичките партии во Колумбија, Владата и меѓународната заедница ја одбиваат одлуката на Маркес за вооружување, и нагласија дека оваа одлука нема ниту една праведна страна“, истакна тој.
- „И покрај тоа што нè убиваат, ние се движиме на патот кон мир“
Лондоно говореше и за убиството на поранешните припадници на ФАРК, убиени по мировниот договор.
„Факт е дека се убиваат припадниците на ФАРК кои се разоружија. Повеќе пати нагласив дека и покрај тоа што нè убиваат, ние се движиме на патот кон мир. Не само поранешните припадници на ФАРК, туку ги убиваат и активистите за човекови права, како и активисти за екологија. Тоа е резултат на граѓанска војна, и сè уште е едно прашање кое треба да го надминеме“, додаде Лондоно.
Според него, убиството на поранешните припадници на ФАРК довело до повторно вооружување.
„Сигурно дека овие смртни случаи влијаеле врз одлуката на поранешните припадници за вооружување, но ние тоа го знаевме кога го потпишавме мировниот договор. Тоа го знаеја и Иван Маркес, како и другите лица кои се наоѓаа на видеоснимката преку која ја соопштија нивната одлука за повторно вооружување. Зборувавме за тоа и го анализиравме. Мировниот договор не е постигнато решение, туку почеток на еден сложен и тежок процес“, истакна тој.
Тој вели дека треба да не се зголемува поларизацијата во Колумбија, и дека нивна должност како и должноста на Владата е намалување на наклеветувањето и поделбата.
- „Секој ден сè повеќе лица го бранат мировниот договор“
Нагласувајќи дека мировниот договор не е толку прост, Лондоно рече дека Владата, која дојде на власт по постигнувањето на мировниот договор, од самиот почеток била против напредокот на Колумбијците на патот кон мир.
Лондоно, исто така, укажа на континуитетот на мировниот договор, и додаде: „Мировниот договор има свој животен век врз кој никој не може да интервенира. Мировниот договор не е наследство на ФАРК, туку на колумбискиот народ и меѓународната заедница. Секој ден сè повеќе лица го бранат мировниот договор. Може да се надминат сите проблеми. Колку повеќе лица ќе го поддржат мирот, толку ќе биде полесно решавањето на проблемите, додека моментално тоа се случува“.
- Венецуела го поддржа мирот во Колумбија
Лондоно рече дека вложуваат напор за намалување на тензиите меѓу Колумбија и Венецуела, кои беа предизвикани откако Колумбија ја обвини венецуелската Влада дека им помага на поранешните лидери на ФАРК.
„Според нас, тоа е опортунистички став. Јас сум сигурен дека Владата на Венецуела не ги поддржува лицата кои донесоа одлука за вооружување, но тука некои страни ја искористуваат оваа ситуација. Ваквите обвинувања се неодговорност. Mожете да ја поддржувате или да не ја поддржувате венецуелската Влада, но не верувам дека една влада ќе ја стави во ризик својата земја преку поддржување на една група (поранешните лидери на ФАРК, кои донесоа одлука за вооружување). И во периодот на Чавез, и во периодот на Мадуро, Венецуела го поддржа мировниот процес во Колумбија“, рече Лондоно во врска со тоа што колумбиската Влада ја обвинува Венецуела.
- Можно е да се смени името на партијата ФАРК
Лондоно рече дека по повторното вооружување на некои поранешни лидери, тие ќе го сменат името на партијата ФАРК на конгресот што ќе се одржи во оваа партија, и дека тој претходно дал предлог за тоа.
Оваа организација во Колумбија, која по половина век донесе одлука за разоружување, за да ја користи кратенката ФАРК основаше партија наречена „Fuerza Alternativa Revolucionaria del Comun“ која значи Алтернативна револуционерна сила на народот.
Главниот преговарач на оваа организација во мировните преговори меѓу колумбиската Влада и ФАРК, Иван Маркес, како и еден од истакнатите личности на оваа организација, Хесус Сантрич, на 29 август преку декларацијата што ја прочитаа во присуство на група поранешни милитанти на ФАРК, соопштија дека донеле одлука за повторно вооружување.