Ekip
30 Ноември 2021•Ажурирај: 01 Декември 2021
ОВИЕДО
Унијата за Медитеранот (УфМ) повика да се зајакнат напорите за решавање на конфликтите кои го кочат регионот од развој и интеграција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Копретседателството на Јордан и ЕУ со УфМ објави заедничка изјава по шестиот регионален форум на Унијата што се заврши во понеделникот вечерта во Барселона.
Првата точка се фокусираше на израелско-палестинскиот конфликт, при што страните охрабруваат сè што ќе доведе до „постигнување на сеопфатен мир на Блискиот Исток и повторно започнување на ефективни преговори за решавање на палестинско-израелскиот конфликт врз основа на дводржавно решение”.
И Палестина и Израел се членки на УфМ.
И покрај тоа што изјавата ги поздравува неодамнешните контакти на високо ниво, таа исто така ја нагласи важноста да не се поткопува довербата со потези како што е израелскиот притисок за изградба на нелегални нови населби.
Изнаоѓањето политичко решение за кризата во Либија беше уште една од клучните грижи на Унијата.
Во соопштението се нагласува важноста од одржување на претседателски и парламентарни избори во декември и одржување на договорот за прекин на огнот од 2020 година, што ќе резултира со „целосно повлекување на сите странски сили, странски борци и платеници од либиските територии“.
Сирија, единствена земја која беше суспендирана од 42-члениот УфМ, претставуваше едно од итните прашања на форумот.
Истакната е потребата од продолжување на изнаоѓање политичко решение за сириската криза, истовремено обновувајќи ја својата посветеност за обезбедување хуманитарна помош за Сиријците на кои им е потребна.
„УфМ може да придонесе за остварување на овие цели во медитеранскиот регион со дијалог и соработка, во политичко опкружување кое е погодно за решавање на конфликтите и политичките тензии што ги засегаат членките“, се вели во соопштението.
Освен што разговараа за конфликтите во Медитеранот, претставниците на земјите, исто така, се состанаа за да го разгледаат напредокот во регионалната интеграција.
„И покрај постигнатиот напредок, исто така е точно дека, иако тој има огромен потенцијал, тоа подрачје останува еден од економски најфрагментираните региони во целиот свет“, се наведува во соопштението.
Турција е една од основачките членки на УфМ, огранок на Процесот на евро-медитеранско партнерство кој започна во 1995 година.