Firdevs Yüksel
18 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Казањ, главниот град на Република Татарстан на Руската Федерација, од 19 до 21 мај ќе се одржи конференција насловена како „Русија - исламски свет: Самит во Казањ 2022“, на која ќе се соберат економските претставници на Русија и на земјите членки на Организацијата за исламска соработка (ОИС), пренесува Агенција Анадолија (АА).
Самитот, чиј глобален комуникациски партнер е Агенција Анадолија (AA), има за цел да ги зајакне комерцијалните, економските, научните, техничките, социјалните и културните врски меѓу Русија и земјите членки на ОИС.
Организиран по 13-ти пат оваа година, на Самитот ќе учествуваат претставници на меѓународни организации, јавни и финансиски институции, претставници на амбасади, политичари, инвеститори и деловни луѓе.
На Самитот ќе се разговара за исламските финансии и заедничкото банкарство, халал индустријата, младинската дипломатија, развојот на извозот, претприемништвото и инвестициите, а главна тема ќе биде „Економијата на споделување и заедничките придобивки од халал индустријата“.
Покрај изложбата „Русија халал експо 2022“ и „Форумот за кластери за производство на машини“, на Самитот ќе се одржат и настани како што е Светскиот ден на халал.
Во рамки на Самитот, исто така ќе се одржат и Форумот на млади претприемачи на земјите од ОИС, Форумот на млади дипломати на земјите на ОИС, настанот „СберТалк“, на кој ќе се разговара за проблемите во финансискиот сектор и модната ревија за конзервативна облека „Скромен моден ден“.
Минатата година на Самитот присуствуваа приближно 5.000 луѓе од 64 земји и 41 регион на Русија.