Esra Taşkın
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
ПАРИЗ (АА) - Украинскиот претседател Владимир Зеленски го употреби терминот „диктатор“ на 75. Филмски фестивал во Кан, алудирајќи на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Зеленски преку видеоконференција се вклучи на синоќешното свечено отворање на фестивалот и одржа говор од околу 10 минути.
Во своето обраќање, зборувајќи за Втората светска војна и филмот на Чарли Чаплин „Диктатор“ од 1940 година, Зеленски рече: „„Диктаторот“ на Чарли Чаплин во тоа време не го уби вистинскиот диктатор, но благодарение на овој филм, кинематографијата излезе од молкот, стана критична. Кинематографијата во вистинска смисла на зборот излезе од тишината. Кинематографијата зборуваше и беше гласот на претстојната победа.“
Истакнувајќи дека човештвото снимило голем број филмови од тој ден, Зеленски, алудирајќи на Путин, додаде: „Мислевме дека ужасите на војната нема да продолжат, но и сега има диктатор, како што беше во минатото.“
Потсетувајќи дека Русија ѝ објави војна на Украина на 24 февруари, Зеленски рече дека Руската армија убила многу луѓе во областите каде што влегла, и дека меѓу убиените има и 229 деца.
Зеленски истакна дека ќе продолжат да се борат и дека немаат друг избор.
„Сигурен сум дека ‘диктаторот‘ ќе изгуби“, рече Зеленски и нагласи: „Потребен ни е нов Чаплин за да докаже дека киното нема да молчи.“
75. Кански филмски фестивал ќе се одржи во сенка на украинско-руската војна. Пред настанот беше објавено дека руските делегации добија забрана за учество на овогодишниот фестивал.
Во знак на поддршка на украинскиот народ, филмовите на двајца украински режисери на публиката ќе ѝ бидат претставени во различни делови на фестивалот. „Мариупол 2“, последниот филм на литванскиот режисер Мантас Кведаравичиус, кој минатиот месец беше убиен во Украина, на љубителите на филмот ќе им биде претставен со специјална проекција.