Nancy Caouette,Canberk Yüksel
20 Септември 2017•Ажурирај: 20 Септември 2017
МЕКСИКО СИТИ (АА) - Силниот ураган Марија го погоди островот Доминика и продолжи да се движи кон Порторико и кон Девствените Острови, јавува Anadolu Agency (AA).
Американскиот национален центар за следење на ураганите соопшти дека ураганот Марија, проследен со силна бура, денес ќе продолжи кон Порторико, каде што се очекуваат ветрови со брзина и до 260 километри на час.
Ураганот Марија помина преку францускиот остров Гвадалуп, каде што загина најмалку едно лице.
Станува збор за ураган од петта категорија, кој поминува преку Карибите само две недели по ураганот Ирма.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, вчера порача дека ОН се подготвени да им помогнат на островите погодени од разорните урагани.
Гувернерот на Порторико, Рикардо Росело, веќе прогласи вонредна состојба на тој остров, а американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на федералните власти на САД да му помогнат на загрозеното население.
Разорните ветришта би можеле да го подигнат и до три метри нивото на водата во океанот на бреговите на Порторико, предупредија од Американскиот центар за урагани.