Michael Hernandez
31 Август 2017•Ажурирај: 01 Септември 2017
ВАШИНГТОН (АА) - Поројните дождови и масовните поплави од ураганот Харви досега сигурно уништија над 40.000 домови во областа на Хјустон, рече окружниот судија во вчерашната изјава, пренесува Anadolu Agency (AA).
„На некои луѓе им се поплавени домовите по втор пат. Тие се борат со кризата и чекаат нивото на водата да се намали“, изјави окружниот судија Ед Емет во утринското шоу „Добро утро Америка“.
„Во соработка со Сојузната влада и државните власти, ние мораме да им помогнеме на овие луѓе да го вратат во нормала својот живот колку што е можно поскоро“, изјави Емет, кој исто така е и директор на Службата за внатрешна безбедност и управување со вонредни ситуации.
Арт Акеведо, шеф на полицијата на Хјустон, ги повика жителите да не се враќаат во нивните домови, барем засега, поради можноста електричната инсталација да предизвика дополнителни смртни случаи и повреди.
„Не сакаме повеќе трагедии“, истакна тој.
Харви, сега тропска бура, предизвика свлечиште во југозападна Лузијана, околу 4 часот наутро по локално време, откако ги поплави Хјустон, Тексас и околните области.
Гувернерот на Тексас, Грег Абот, процени дека 24.000 припадници на националната гарда ќе бидат распоредени во таа сојузна држава, од 14.000 кои во моментов се таму.
Тој нагласи дека санацијата на штетите може да надмине 125 милијарди долари.
Вкупно 33 земји се дел од федералната декларација за катастрофи, рече тој.
Најмалку 24 лица загинаа во природната катастрофа, вклучувајќи и еден полициски службеник, а повеќе од 8.500 се спасени само во Хјустон.
Како што се повлекуваат водите, фабриката Аркема СА за хемиска индустрија, која се наоѓа североисточно од Тексас, соопшти дека се стравува поради можноста да избувне пожар или експлозија откако некои хемиски супстанции чувствителни на температура останаа без ладење поради исклучително високото ниво на вода.
Но, компанијата соопшти оти, сепак, опасноста не е неизбежна и оти се работи со властите за решавање на ова прашање.
„Нема поголем приоритет од безбедноста на нашите вработени, соседите и околината. Непрекинато работиме за да ги чуваме нашите материјали безбедни“, се вели во соопштението.