Seda Sevencan
17 Мај 2024•Ажурирај: 19 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Агенцијата на Обединетите нации за палестински бегалци (УНРВА) денес објави дека израелските воени акции во Рафа принудиле уште 30.000 луѓе да избегаат, јавува Анадолу.
Според соопштението на УНРВА, жителите на Газа продолжуваат да бидат насилно раселени, а „од почетокот на воената офанзива на Рафа на 6 мај, повеќе од 630.000 луѓе биле принудени да ја напуштат областа“.
„Масовното иселување имаше значително влијание врз Деир ал Балах во централниот дел на Појасот Газа, каде што многу раселени луѓе побараа засолниште“, соопшти Агенцијата на ОН, опишувајќи ја ситуацијата таму како неподнослива и со тешки услови.
Израел започна брутална воена офанзива врз Појасот Газа со неселективно бомбардирање на цивилни населби, училишта, верски објекти и болници по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври.
Според палестинските здравствени власти, во израелските напади на Појасот Газа се убиени повеќе од 35.300 Палестинци, главно жени и деца, а повеќе од 79.200 се повредени.
По повеќе од седум месеци од почетокот на израелската војна, големи делови од Појасот Газа се во урнатини, а 85 отсто од населението на енклавата се внатрешно раселени.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата. Привремената пресуда во јануари му нареди на Тел Авив да ги запре геноцидните акти и да преземе мерки хуманитарната помош да стигне до цивилите во Газа.
И покрај тоа, израелските напади врз Појасот Газа продолжуваат со несмален интензитет, а испораката на хуманитарната помош не е доволна за решавање на хуманитарната катастрофа.