Ahmet Sait Akçay
11 Мај 2016•Ажурирај: 12 Мај 2016
ГАЗА (АА) - Египетските власти го отвориja привременo граничниот премин Рафа, единствениот излез кој го поврзува појасот Газа со остатокот од светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Терминалот Рафа ќе биде отворен во среда и четврток, потврди за АА неименуван граничен службеник во Газа.
Како што изјави, на студентите, пациентите и Палестинците со странско живеалиште ќе им биде дозволен премин на границата во текот на овој период.
Од соборувањето на првиот демократски избран претседател на Египет, Мухамед Мурси, во државниот удар во 2013 година, Египет ја држи својата граница со појасот Газа, главно затворена.
Египетските власти минатата година го отворија граничниот премин Рафа само 21 ден, со ограничен сообраќај, соопшти Министерството за внатрешни работи на Газа.
Во денешното соопштение на споменатото министерство, властите во Каиро се повикуваат на трајно отворање на граничниот премин.
Се тврди дека на околу 30.000 жители на Газа, вклучувајќи ги и 4.000 пациенти, очајно им е потребно слободното движење кое им е ограничено со затворање на терминалот.
Долгорочното затворање на граничниот премин Рафа, единствениот начин за излез од Газа кој не поминува преку израелска територија, ги доведе Палестинците на оваа крајбрежна територија на работ од хуманитарна катастрофа.