Betül Yürük
13 Март 2017•Ажурирај: 13 Март 2017
ЊУЈОРК (АА) - Меѓународниот фонд за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) соопшти дека највисока стапка на смртност во Сирија е забележана во 2016 година, кога животот го загубија најмалку 652 деца, јавува Anadolu Agency (AA).
Последниот извештај на УНИЦЕФ покажува дека децата во Сирија минатата година биле жртви на невидено насилство.
Извештајот покажува дека дошло до драматично зголемување на бројот на загинатите и повредени деца на возраст од седум години.
Се истакнува дека најмалку 255 деца ги загубиле животите во училиштата или во нивна близина, а повеќе од 850 деца, меѓу кои и деца помлади од седум години, биле принудени да учествуваат во конфликт и се користени како егзекутори, бомбаши-самоубијци или затворски чувари.
Исто така, се наведува дека врз болниците во Сирија и врз медицинските работници се извршени најмалку 338 напади.
Во извештајот на УНИЦЕФ се укажува и дека голем број деца ги преживеале бомбашките или снајперските напади и експлозии, но подоцна починале бидејќи не биле третирани на соодветен начин.
Околу два милиона деца не одат на училиште, бидејќи голем број училишта се уништени или се користат како засолништа и за воени цели.
Од почетокот на војната во Сирија во 2011 година, шест милиони деца живеат од хуманитарна помош, а повеќе од 2,3 милиони деца се бегалци во Турција, Либан, Јордан, Египет и во Ирак.