Ekip
18 Декември 2021•Ажурирај: 20 Декември 2021
БЕЈРУТ
Најмалку милион деца во Либан се изложени на ризик од различни облици на насилство, соопшти Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ), известува Агенција Анадолија (АА).
УНИЦЕФ во извештајот наведува дека економската криза во оваа арапска земја е главна причина за насилството со кое се соочуваат либанските деца.
„Секое второ дете во Либан е изложено на сериозен ризик од физичко, емотивно или сексуално насилство, бидејќи семејствата се борат со сѐ подлабоката криза во земјата“, соопштија од УНИЦЕФ.
Во извештајот се наведува дека децата уште од 6-годишна возраст работа на фармите, на улица и нелегално продаваат гориво, што ги доведува во опасност од сериозни изгореници и смрт. Во продолжение се додава дека децата додека работат „честопати се изложени на други закани, како што се злоупотребување, насилство и сексуално искористување.“
„Бројката на случаи на злоупотребување и искористување на децата што ги решава УНИЦЕФ и партнерите се зголемиле за 44 % во периодот од октомври 2020 до октомври 2021, т.е. од 3.913 на 5.621 случај“, се наведува во извештајот.
Се верува дека околу 1,8 милиони деца „преживуваат повеќедимензионална сиромаштија, во однос на околу 900.000 во 2019 година“, а децата во такви домаќинства изложени се на голем ризик дека семејствата ќе ги присилат на работа или брак за да сврзат крај со крај.
Од крајот на 2019 година досега, Либан се бори со голем број предизвици, како што се девалвацијата на домашната валута во однос на американскиот долар и недостатокот на горива и лекови.