Burç Eruygur
14 Април 2023•Ажурирај: 17 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА)
Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, повика на интеграција на системите за воздушна одбрана на неговата земја со оние на сојузниците во НАТО, јавува Анадолу.
„Повикуваме на интеграција на системите за противвоздушна и противракетна одбрана на Украина и сојузниците на НАТО во регионот на Црното и Балтичкото Море. Настаните од минатата година покажаа дека безбедноста во Балтичко-црноморскиот Регион е неделива. Заканата за еден е закана за сите“, изјави Кулеба во воведниот говор на Црноморската безбедносна конференција во Букурешт.
Кулеба рече дека враќањето на територијалниот интегритет на Украина и имплементацијата на мировната формула од 10 чекори, формулирана од претседателот Владимир Зеленски за време на последниот Самит на Г20, ќе донесе „вистински мир“ во интерес не само на Киев туку и на Европа и на целиот свет.
Истакнувајќи дека Црноморската безбедносна конференција е посветена на постигнувањето на оваа цел, Кулеба рече дека Украина „категорично ги отфрла“ сите изјави што го претставуваат Крим како „специјален регион“, нагласувајќи дека тој не може да остане под руска контрола.
„Украина повикува на демилитаризација на Црното Море за сите мирољубиви земји што го почитуваат меѓународното право повторно да можат да го користат нашето заедничко море за трговија и патување и да живеат слободно без страв од руските воени бродови. Ги повикувам партнерите да бидат упорни на патот кон оваа цел“, рече Кулеба.
- Заедничка изјава
На крајот од Конференцијата, министерствата за надворешни работи и за одбрана на Украина, Романија и Молдавија усвоија заедничка изјава во која ја истакнаа важноста на трилатералниот формат на разговори и го повторија својот ангажман за продолжување на координацијата во овој формат.
Во соопштението се вели дека трите земји споделуваат слични безбедносни грижи и имаат ист интерес за „стабилен и безбеден поширок регион на Црното Море“, изразувајќи ја својата осуда за руската војна во Украина и нејзиното влијание врз земјата и евроатлантскиот регион.
„Ја изразуваме нашата подготвеност тесно да соработуваме за зајакнување на заедничките капацитети за спротивставување на руската пропаганда и зајакнување на отпорноста на нашите општества, вклучително и на дезинформациите“, се вели во соопштението.
Истакнувајќи ја својата посветеност на суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Молдавија и Украина во рамките на нивните меѓународно признати граници, во заедничката изјава, исто така, се вели дека трите земји дополнително ќе ги вложат „сите напори во поглед на континуираната силна европска и евроатлантска поддршка за регионот“.
„Во овој контекст, ја нагласуваме важноста на историската одлука на Европскиот совет од 23 јуни 2022 година да им даде на Република Молдавија и Украина статус кандидат за ЕУ и се согласуваме да ги засилиме напорите за да се обезбеди нивно полноправно членство во ЕУ.“
„Со нетрпение ја очекуваме оцената на Европската комисија за постигнатиот напредок и одлуката за почеток на преговорите за пристап на Украина и Република Молдавија со ЕУ веќе оваа година“, се вели во соопштението.
Во изјавата, исто така, се потврдува поддршката на Романија и Молдавија за мировната формула формулирана од Зеленски и нивната посветеност да работат со Украина на спроведувањето на мировниот план од 10 чекори, за кој се вели дека ќе обезбеди „сеопфатен, праведен и траен мир за Украина и безбедност за целиот свет“.
„Ние нагласуваме дека сторителите на сериозни злосторства според меѓународното право, извршени на територијата на Украина, како и одговорните службеници, мора да бидат повикани на одговорност и ја изразуваме нашата целосна поддршка за напорите на меѓународната заедница да обезбеди одговорност за овие злосторства, вклучително и преку судски механизми“, се додава во изјавата.