Gözde Bayar
24 Февруари 2022•Ажурирај: 25 Февруари 2022
АНКАРА (АА) ‒ Украинскиот амбасадор во Анкара, Васил Боднар, денеска од Турција побара да ги затвори теснеците (мореузите) Дарданели и Босфор за руските сили, јавува Агенција Анадолија (АА).
Тој на конференцијата за новинари рече дека упатиле официјално барање до Анкара да го затвори воздушниот простор и теснеците за Русија.
„Сакаме да се воведат санкции кон руската страна. Особено бараме запирање на рускиот деловен свет тука“, рече Боднар.
Го истакна значењето на обезбедувањето одбранбено вооружување, како и на финансиска и хуманитарна помош.
„Повикуваме на поддршка кон граѓаните на Украина кои во моментот се наоѓаат во Турција, особено на оние на кои им е потребна дополнителна заштита и безбедност“, додаде тој.
Нагласи дека ова е првпат во регионот, нуклеарно вооружена земја да започне отворен напад на друга независна држава и да започне војна.
Рече дека Русија ја напаѓа Украина на сите фронтови, вклучително и на границите со Крим и Белорусија, како и источниот регион Донбас.
„Украинските вооружени сили и нашите регионални безбедносни единици се борат против руските освојувачи“, рече тој.
Додаде дека Украина прогласила вонредна состојба и ги прекинала дипломатските односи со Русија.
„Го повикуваме целиот свет да формира коалиција против Путин и да спречи ширење војна, особено во овој регион. Сега се симнати сите маски и сега сме во војна“, рече Боднар.
Додаде дека се надева дека сиот народ во Турција ќе ја поддржи Украина во оваа праведна цел.