Burç Eruygur
26 Мај 2024•Ажурирај: 27 Мај 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Украина денес соопшти дека соборила 31 беспилотно летало и 12 проектили во руските напади во различни региони во текот на ноќта, но од остатоците кои паднале врз станбени подрачја повредени се три лица, пренесува Анадолу.
Командантот на Украинските воздухопловни сили Микола Олешчук преку Телеграм истакна дека Русија во текот на ноќта извршила воздушен напад врз земјата од нејзините региони Тамбов, Саратов и Краснодар, како и од Кримскиот Полуостров, кој Москва незаконски го анектира во 2014 година.
„Русија го започна нападот со 14 проектили и 31 беспилотно летало“, тврди Олешчук, додавајќи дека Украинските одбранбени сили собориле 12 проектили и сите беспилотни летала.
„Воздушните цели беа уништени во регионите Миколаев, Одеса, Днепропетровск, Полтава, Запорожје, Хмелницки, Кировохрад, Виница и Чернигив“, додаде тој.
Украинската државна служба за вонредни состојби соопшти дека остатоците од соборените беспилотни летала повредиле три лица и предизвикале штета на три станбени блокови и седум приватни домови во градот Жмеринка, во централната област Виница.
Нема други извештаи за жртви или причинета штета во други региони на Украина во нападот во текот на ноќта.
Руските власти досега се немаат огласено за нападот, а независната проверка на тврдењата на Украина е тешка поради тековниот конфликт.