свет

Убиени најмалку 28 Палестинци во израелските напади врз Газа од утринските часови

- Израелската армија бомбардираше локација за полнење вода во кампот за бегалци Нусејрат, и шатори во Хан Јунис во кои биле засолнети раселени Палестинци.

Ramzi Mahmud, Hosni Nedim, Mahmut Geldi  | 13.07.2025 - Обновена : 13.07.2025
Убиени најмалку 28 Палестинци во израелските напади врз Газа од утринските часови

ГАЗА (АА) - Најмалку 28 Палестинци, вклучувајќи деца, се убиени во израелските воздушни напади врз различни делови од Појасот Газа од утринските часови, известува Анадолу.

Според извештаите што Агенција Анадолу (AA) ги доби од болнички извори и очевидци, израелски воени авиони повторно извршиле напади врз цивили во северните, јужните и централните делови на Појасот Газа.

Израелската армија изврши воздушен напад врз куќа во близина на кампот за бегалци Нусејрат во централна Газа. Најмалку 9 Палестинци се убиени, а голем број се повредени во бомбардирањето.

Израелската армија бомбардираше локалитет за полнење вода во кампот за бегалци Нусејрат. Во нападот се убиени 8 Палестинци, вклучувајќи шест деца, а 16 се повредени.

Цел на израелски воздушен напад беше и куќа во градот Газа, во северниот дел на Појасот Газа. Во нападот се убиени 6 Палестинци, а голем број се повредени.

Двајца Палестинци се убиени, а многумина се повредени во израелски напад врз зграда во населбата Ал-Сабра во градот Газа.

Шаторите западно од Хан Јунис, град во јужниот дел на Појасот Газа, во кои биле сместени раселените Палестинци, исто така, биле цел на немилосрдни напади на израелската армија. Најмалку тројца Палестинци се убиени во овие воздушни напади.

Во меѓувреме, официјалната палестинска новинска агенција ВАФА објави дека израелската армија со експлозив разнела неколку згради во населбата Туфа во градот Газа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.