Сеул: Пјонгјанг ја снабди Москва со 12 милиони артилериски гранати
- Северна Кореја испрати речиси 28.000 контејнери со оружје и муниција, објави военото разузнавање на Јужна Кореја

ИСТАНБУЛ (АА) – Северна Кореја ѝ испорача повеќе од 12 милиони артилериски гранати на Русија со калибар 152 мм за да ѝ помогне на Москва во нејзината војна против Украина, објави денес Јонхап њуз, повикувајќи се на военото разузнавање на Јужна Кореја, известсува Анадолу.
Во извештајот на Агенцијата за одбранбено разузнавање (АОР) на Јужна Кореја споделен со пратеник од главната опозициска партија се проценува дека Северна Кореја ѝ испратила 28.000 контејнери полни со оружје и артилериски гранати на Русија.
„Ако се пресмета со единечни гранати од 152 мм, се претпоставува дека достигнати се повеќе од 12 милиони (бројот на испорачани гранати)“, се вели во извештајот на АОР, кој дејствува во рамките на јужнокорејското Министерството за одбрана.
Кон крајот на јуни, разузнавачката агенција на Јужна Кореја тврдеше дека Северна Кореја веројатно ќе испрати повеќе војници во Русија во следните два месеци.
Северна Кореја распореди илјадници војници за да ѝ помогнат на Русија во војната во Украина по потпишувањето на договорот за стратешко партнерство меѓу лидерот Ким Џонг Ун и рускиот претседател Владимир Путин во Пјонгјанг во јуни 2024 година.
Рускиот шеф за безбедност Шојгу изјави дека Северна Кореја ќе испрати 6.000 лица во Русија, вклучувајќи 1.000 борбени инженери и 5.000 воени градежници, за да помогнат во напорите за расчистување на мини и реконструкција во регионот Курск што граничи со Украина.
Во април, шпионската агенција на Јужна Кореја тврдеше дека Северна Кореја веројатно претрпела 4.700 жртви додека се борела заедно со руските сили во војната меѓу Русија и Украина, со 600 потврдени смртни случаи.