Ekipa
22 Март 2018•Ажурирај: 22 Март 2018
ГАЗА (АА) - Палестинските безбедносни сили ги неутрализираа двете лица што во Газа на 13 март се обидоа да извршат атентат на премиерот на палестина, Рами Хамдалах, јавува Anadolu Agency (AA).
Како што е потврдено од Министерството за внатрешни работи на Газа, безбедносните сили денес започнале акција против осомничените за обид за атентат на Хамдалах.
За време на акцијата дошло до престрелка, во која е убиен Енес Абдулмалик Абдулкадир Абу Муса, главниот осомничен за обид за атентат, чиј идентитет утринава го објави палестинското Министерство. Абдулхади ел Ешеб, кој, исто така, беше осомничен, е тешко ранет за време на престрелката и почина подоцна во болница.
За време на судирите во Газа загинаа и двајца припадници на безбедносните сили, а еден осомничен за учество во обидот за атентат е уапсен.
Конвојот на палестинскиот премиер Рами Хамдалах, на 13 март, по доаѓањето во Газа, беше мета на бомбашки напад, а во придружба на премиерот беше и шефот на разузнавачката служба, Маџид Фереџ.
Палестинската новинска агенција ВАФА тогаш објави дека во нападот се ранети најмалку седум лица, но меѓу нив не биле Хамдалах и Фереџ.
Премиерот Хамдалах по нападот присуствуваше на планираното свечено отворање на постројките за пречистување вода и потврди дека бил жртва на обид за атентат.
На новинарите во Газа тогаш им се обрати и шефот на Палестинската разузнавачка служба, Фереџ, кој изјави дека сè уште е рано да се обвинува некој за нападот врз конвојот на премиерот.
„Тоа беше напад врз националното единство на Палестина. Рано е за обвинување на кој било, но одговорни ќе бидат оние што се надлежни за безбедноста на оваа територија“, порача Фереџ.
Оценувајќи го нападот како кукавички чин, Фереџ изјави дека тоа нема да го блокира процесот на помирување во Палестина.