свет

Убер-услугата „летечки такси“ ќе започне во Мелбурн, Далас и Лос Анџелес

Градовите Мелбурн, Далас и Лос Анџелес се избрани за пилот-градови за услугата „летечки такси“ (Uber Air), а тест-летовите во Мелбурн ќе се реализираат во 2020 година

Recep Şakar  | 12.06.2019 - Обновена : 13.06.2019
Убер-услугата „летечки такси“ ќе започне во Мелбурн, Далас и Лос Анџелес

МЕЛБУРН (АА) - Меѓународната такси-компанија „Убер“, соопшти дека австралискиот град Мелбурн, и американските градови Далас и Лос Анџелес се избрани за пилот-градови за првата услуга во светот „летечки такси“, пренесува Anadolu Agency (AA).

Сузан Андерсон, регионалната директорка на „Убер“ за Австралија, Нов Зеланд и Северна Азија, истакна дека градовите Мелбурн, Далас и Лос Анџелес се избрани за пилот-градови за услугата „летечки такси“ (Uber Air), и дека тест-летовите во Мелбурн ќе се реализираат во 2020 година, додека комерцијалните летови ќе започнат во 2023 година.

Андерсон рече дека од денот кога влегле на австралискиот пазар, односно од 2012 година досега транспортирале над 3,8 милиони патници, нешто што според неа покажува дека „Убер“ е прифатена во оваа земја.

Таа нагласи дека по Мелбурн, оваа услуга наскоро ќе започне и во другите градови во земјата, и дека добиле значајна поддршка од федералната и од локалните власти.

Во првата фаза, за оваа услуга се предвидува да се користат аеродромите, покривите на паркинзите, како и постоечките хеликоптерски писти.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.