Büşra Selvi Öğütcen
03 Октомври 2017•Ажурирај: 03 Октомври 2017
КИТО (АА) - Заменик-претседателот на Еквадор, Хорхе Глас, беше уапсен за вмешаност во корупциски скандал во земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Врховниот суд на Еквадор издаде одлука за апсење на заменик-претседателот на Еквадор, Хорхе Глас, по обвиненијата дека земал мито од бразилската градежна компанија „Odebrecht“, со цел да таа да добие одредени работи на тендерите.
Судијата на Врховниот суд, Мигел Хурадо, го прифати барањето на обвинителите кои ја водат истрагата, и донесе одлука за апсење на Глас, за тој да не избега надвор од земјата.
Глас прво бил сослушан во неговиот дом во градот Гвајакил, а потоа е префрлен во главниот град Кито, каде што во моментов е во притвор.
Само неколку моменти пред да биде уапсен, тој објави видео во коешто вели дека ќе ја прифати одлуката на лишување од слобода, но истакна дека овој процес се темели на лажни изјави и големи процедурални грешки.
„Невините немаат причина да бегаат“, рече Глас.
Во август годинава, претседателот на Еквадор, Ленин Морено, му го одзеде овластувањето на неговиот заменик, Глас.
Медиумите тогаш објавија дека постојат аудиоснимки каде што може да се чуе дека Глас бара мито од официјален претставник на бразилската компанија „Odebrecht“.
Сепак, Глас ги отфрли обвиненијата против него.