Ömer Tuğrul Çam
05 Март 2020•Ажурирај: 06 Март 2020
АНКАРА / МОСКВА (АА) - Турција и Русија, се договорија сите воени активности долж линијата во деескалационата зона Идлиб да бидат запрени од 6 март 2020 година, во 00:01 часот. Двете земји, исто така се договорија да се обезбеди безбедносен коридор во зона од 6 километри северно и 6 километри јужно од автопатот М4, јавува Агенција Анадолија (АА).
По изјавите на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин, министрите за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу и министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, го прочитаа дополнителниот протокол за стабилизирање на состојбата во деескалационата зона во Идлиб.
Страните ја потврдија заложбата за борба со сите видови облици на тероризам и да ги елиминираат сите групи кои од страна на Обединетите нации се идентификувани како терористички.
Исто така, двете страни се согласија дека напаѓање на цивили и цивилната инфраструктура во никој случај нема да биде оправдано.
Страните, исто така истакнаа дека сирискиот конфликт не може да се реши со воени средства и дека конфликтот може да се прекине само преку политичкиот процес во согласност со резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на Обединетите нации, под водство на Сиријците и олеснувањето на Обединетите нации.
Двете страни исто така се договорија за спречување на влошувањето на хуманитарната криза, за заштита на цивилите, обезбедување на хуманитарна помош на сите Сиријци кои имаат потреба, без предрасуди и дискриминација и спречување на внатрешно раселување.
Страните исто така се договорија за:
„Сите воени активности долж линијата во деескалационата зона Идлиб да бидат запрени од 6 март 2020 година, во 00:01 часот.“
„Ќе се обезбеди безбедносен коридор во зона од 6 километри северно и 6 километри јужно од автопатот М4.“
„Деталните правила и постапки во однос на безбедно функционирање на коридорот, ќе се решат во рок од 7 дена помеѓу министерствата за одбрана на Република Турција и Руската Федерација.“
„Турските и руските патроли ќе започнат на 15 март по делницата на автопатот М4 од Трумба (западно од Серакиб) до Аин Ал Хавр.“