Турско МВР: Остатоците од авионот што леташе кон Триполи со началникот на либиската армија, пронајдени близу Анкара
- Владата на Либија ја потврди смртта на началникот на армијата, генерал Мохамед Али Ахмед Ал-Хадад и 4 помошници откако нивниот авион изгуби контакт над периферијата на Анкара
АНКАРА/ИСТАНБУЛ (АА) – Остатоци од приватниот авион што леташе кон Триполи и кој го носеше началникот на либиската армија, а кој го изгуби контактот кратко по полетувањето од Анкара, се пронајдени јужно од турската престолнина, изјави вечерва турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја, известува Анадолу.
Остатоци од деловниот авион од типот „Фалкон 50“, кој полета од аеродромот Есенбога во Анкара на пат кон Триполи, беа пронајдени од страна на жандармериски екипи околу 2 километри јужно од селото Кесикавак во округот Хајмана, соопшти Јерликаја.
Претходно, министерот Јерликаја објави дека контактот со авионот, со број на опашка 9H-DFJ, е изгубен околу 20:52 часот по локално време (18:52 по средноевропско време), кратко по неговото полетување во 20:10 часот (18:10 по средноевропско време).
Тој наведе дека авионот испратил известување за итно слетување во близина на Хајмана, но дека потоа не можела да се воспостави понатамошна комуникација.
Во авионот имало пет патници, вклучувајќи го и началникот на Генералштабот на Либија, генерал Мохамед Али Ахмед Ал-Хадад.
Владата на Либија со седиште во Триполи ја потврди смртта на началникот на армијата и 4 помошници.
