Aybala Arpacı
03 Август 2016•Ажурирај: 04 Август 2016
СТРАЗБУР (АА) – Продолжува и се зголемува отпорот против терористичката организација ФЕТО на турските државјани што живеат во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Бизнисменот Сулејман Асан е сопственик на зградата на колеџот „Селман Асан“ во Стразбур. Тој е еден од двата колеџа во Франција што е под контрола на ФЕТО. Поради тоа, сопственикот на зградата ја известил организацијата да ја напушти зградата.
Во населбата Линголсеим, во Стразбур, зградата уште од 2012 година функционирала како колеџ (колеџот „Селман Асан“). Сулејман ја купил зградата со цел да го зачува името на својот брат (Селман Асан), кој починал во 2011 година, па зградата ја дал на располагање на здружението основано под истото име.
„Оваа одлука ја донесовме според желбата на покојниот брат во 2011 година. Семејно, не само во оваа област, туку и на повеќе други места во светот донираме и помагаме на голем број здруженија“, рече Сулејман.
Сулејман изјави дека пред повеќе години почнале да ѝ помагаат на оваа структура, но потоа забележале дека во последните 2-3 години структурата скршнала од патот. „Последните настани ни дојдоа како ладен туш. Од денес натаму не сакаме овде да постои вакво училиште. Сакаме ова место да се затвори“, вели Сулејман Асан.
Според Асан, тамошните жители веќе не можат да го поднесат функционирањето на тоа училиште: „Не можеме да го поднесеме постоењето на филијала којашто припаѓа на една ваква организација (ФЕТО). Ќе ги преземеме сите потребни чекори“.
Сулејман Асан вели дека проектот за отворање на еден турски колеџ во Стразбур со радост го поддржале, но 15 јули – обидот за удар беше отворен доказ дека оваа структура има поинакви цели, па продолжи: „Го купивме местото каде што се наоѓа колеџот. Тие самите ни дојдоа со ваква понуда. Ние пак, со цел да го зачуваме споменот на нашиот брат, ја прифативме нивната понуда, ја купивме зградата на колеџот и ја предадовме на користење на здружението. Брат ми не виде дека се отвори колеџ што го носи неговото име. На здружението му ја дадовме зградата под наем за девет години. Сега, ако малку нè почитуваат, нека ја напуштат. Нашето име (Селман Асан) го тргнавме од паното на колеџот. По сите работи што беа направени против нашата држава, веќе не сакаме да биде таму. Да нè остават на мир“.
- „Сакаме зградата да ја дадеме на располагање на ДИТИБ (Турско-исламска унија за верски прашања)“ -
Сулејман истакна дека имале средба со одговорните лица на Турско-исламската унија за верски прашања во Стразбур и им ја понудиле зградата на располагање: „На одговорните лица на ДИТИБ им реков: ‘Повелете, ако нашата држава (Турција) има потреба од вакво место, можеме да ви го префрлиме’. Одговорните лица рекоа дека ќе ја разгледаат темата, па ќе нè контактираат“.
- Семејствата ги испишуваат децата -
По обидот за државен удар, и во Франција се забележуваат проблеми во фондациите што се под контрола на ФЕТО.
Повеќето семејства со кои дописникот на АА имаше средба изјавија дека ги испишале своите деца од колеџите и од образовните центри што биле под контрола на организацијата (ФЕТО).
Хатиџе Чери рече дека по настаните од минатата година, ги испишале своите деца од колеџот „Селман Асан“ и додаде: „По излегувањето на вистината на виделина, и мојот сопруг веќе престана да оди на состаноците на оваа организација (ФЕТО). Многупати ни дојдоа. И за нашето дете да продолжи (во нивното училиште) и за мојот сопруг да продолжи да присуствува на состаноците. Но ние им рековме да нè остават на мир“.
Еден анонимен граѓанин рече дека има две деца кои учеле во колеџот „Селман Асан“, а моментално за летниот распуст биле во Турција. Тој изјави: „По нивното враќање, ќе постапиме соодветно. Сакаме нашите деца да учат во друго училиште“.