Fatma Bülbül
16 Октомври 2017•Ажурирај: 17 Октомври 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турската Црвена полумесечина дистрибуираше хуманитарна помош за населението во сомалискиот град Могадишу, по бомбашкиот напад што се случи во саботата и во кој загинаа 276 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението издадено денес, хуманитарната агенција истакнува дека тимот во Могадишу доставува храна, ќебиња, шатори, како и медицински материјал обезбеден од Турското министерство за здравство.
Тимот на хуманитарната организација учествува и во пренесување на ранетите од експлозијата на лекување во Турција, се додава во соопштението.
Претседателот на Турската Црвена полумесечина, Керем Киник, го осуди нападот и посака милост од Бога за загинатите и побрзo оздравување на повредените.
Претходно во текот на денот, турскиот министер за здравство, Ахмет Демирџан, пристигна во Могадишу за да ги забрза операциите за помош на повредените лица.
Демирџан е придружуван од делегација составена од 33 лица, вклучувајќи медицински тим специјализиран за итни состојби, се вели од турската амбасада.
Претходно, турски авион со медицинска помош пристигна во сомалискиот главен град, со којшто допатува и медицински персонал за итни случаеви.
Бројот на загинатите од саботниот бомбашки напад во Могадишу се искачи на 276 лица, а повеќе од 300 се повредени, изјави синоќа сомалискиот министер за информации Абдирахман Омар Осман.