Tufan Aktaş
03 Јули 2019•Ажурирај: 04 Јули 2019
ХАРАР (АА) - Турската Фондација „Маариф“ ги презеде училиштата на терористичката организација ФЕТО во историскиот град Харар, во источниот дел на африканската земја Етиопија, јавува Anadolu Agency (AA).
Делегацијата на Фондацијата „Маариф“ составена од членот на Одборот на доверители, доц. д-р Џихад Демирли, директорот на Фондацијата во Етиопија, Левент Шахин, како и заменик-експертот во Координативната канцеларија за регионот на Африка, Билал Јилдирим, го презедоа кампусот на оваа организација формиран под името „Здружение Виножито (Rainbow)“ во градот Харар, каде што наставата се спроведува почнувајќи од градинка, па сè до средно училиште.
Пред предавањето на овие училишта на Турската Фондација „Маариф“, раководителите на училиштето, припадници на ФЕТО, на населението му рекле дека ќе го продаваат училиштето, а на наставниците им рекле оти ќе бидат отпуштени од работа.
Делегацијата на фондацијата одржа информативен состанок заедно со претставниците на локалното население и вработените во училиштето.
Покрај училишните згради, во кампусот се наоѓа и болница која сè уште не е активна.
Членот на Одборот на доверители на Фондацијата „Маариф“, Демирли, во изјавата за АА изрази задоволство поради преземањето на овие училишта како резултат на двегодишната работа.
Демирли рече дека овие училишта во Харар се првите училишта во Етиопија, чија контрола е преземена од страна на фондацијата, и дека во тек се работите за преземање и на останатите училишта во другите градови.
Тој истакна дека „Маариф“ поседува 272 училишта во 33 земји, додека во Африка поседува 127 училишта во 20 африкански земји.
Според него, Етиопија има голема важност за Турција, и изрази гордост поради овој настан.
Демирли рече дека преку ова училиште уште повеќе ќе се зајакнат веќе постоечките историски врски, и дека зградата на Османлискиот конзулат, кој беше реставриран во овој град, ќе служи како културен центар.
- Во Етиопија постојат уште 6 училишта на ФЕТО -
Покрај училиштата на ФЕТО во градот Харар, во земјата постојат уште шест училишта на ФЕТО, од кои едното почна со работа по обидот за државен удар на 15 јули во Турција.
Според документите до кои дојде и ги објави АА минатата година, овие училишта во 2009 и во 2017 година биле продавани на незаконски начин.
Оваа терористичка организација ги смени имињата на овие училишта, а припадниците на ФЕТО, кои имаат германско државјанство, станале партнери на овие училишта. Исто така, ФЕТО почна да вработува бројни турски државјани кои се во бегство, чии дипломи не се одобрени од страна на турската Амбасада.
ФЕТО направи пропаганда на етиопските медиуми дека училиштата се предадени на „германски инвеститори“, а својата лага ја откри минатата година преку огласот за вработување во овие училишта во Етиопија, објавен преку институциите поврзани со оваа организација во Германија.