Турската нуркачка Шахика Ерџумен ѝ го посвети на Газа новиот светски рекорд во нуркање
- Ерџумен, светска рекордерка во слободно нуркање, достигна длабочина од 107 метри (351 стапка) во еден здив, надминувајќи го својот претходен импресивен рекорд од 106 метри (348 стапки) во категоријата пливање без перки со варијабилна тежина

ИСТАНБУЛ/АНКАРА (АА) - Турската нуркачка Шахика Ерџумен денес го собори сопствениот светски рекорд при специјалното нуркање во Медитеранот, со цел да ја покаже својата солидарност со народот во Газа, јавува Анадолу.
Ерџумен, повеќекратна светска рекордерка во слободно нуркање, достигна длабочина од 107 метри (351 стапка) во еден здив, надминувајќи го својот претходен импресивен рекорд од 106 метри (348 стапки) во категоријата пливање без перки со варијабилна тежина.
Нуркањето во Анталија, еден од бисерите на турската ривиера, заврши за 3 минути и 21 секунда, а му беше посветено на подигнувањето на свеста и сочувството под слоганот „Нека дише Газа, нека темнината се претвори во светлина“.
Откако исплива на површината, Ерџумен и нејзиниот тим покажаа турски и палестински знамиња, заедно со знак на кој пишуваше „Нека дише Газа“, како и со знак по повод 102-годишнината од Република Турција.
Ерџумен, која веќе неколку обиди за достигнување рекорди им ги посвети на други вредни хуманитарни цели, рече дека сака да го искористи ова достигнување за да привлече внимание кон тековните страдања во Газа - која се соочува со години војна и угнетувачка блокада - и да пренесе порака за надеж и солидарност.
- „Овој пат почувствував поинаков вид возбуда“
По нуркањето, Ерџумен за Анадолу изјави дека иако со години е национална атлетичарка и се натпреварувала на многу светски првенства, соборувајќи голем број рекорди, овој обид бил особено емотивен.
„Се беше како што треба до последен момент“, рече таа, додавајќи дека значително ја поддржал нејзиниот тим.
„Не сакав да ги разочарам. Мислам дека мојот пулс беше околу 120 кога влегов. Но сега се чувствувам како да ми е симнат огромен товар“, рече таа.
„Претставувањето на мојата земја како национална спортистка има длабоко значење за мене“, рече таа.
„Обземена сум од емоции бидејќи не само што донесовме светски рекорд во Турција туку успеавме и пораката од нашата земја да ја пренесеме до целиот свет.“
Шампионката во нуркање, исто така, рече дека светскиот рекорд ѝ го посветила и на 102-годишнината од Република Турција, која беше основана во 1923 година.
„Точно пред десет години, за време на уште еден обид за соборување рекорд, времето се совпадна со (уште еден) период на конфликт во Газа“, рече таа.
„Тогаш рековме: 'Нека дише Газа'.“
- „Знам како е да не се дише.“
„Оттогаш поминаа многу години. Сега се надевам дека овој мировен процес ќе биде траен“, рече таа, осврнувајќи се на неодамнешниот договор за прекин на огнот.
„Сакав да го задржам здивот во водата за Газа за да можат да дишат“, рече таа.
„Затоа што многу добро знам какво е чувството да не се дише со минути, а тие се подложени на ова угнетување предолго време.“
„Затоа сакавме да пратиме порака до светот: Нека дише Газа“, истакна таа.
Нарекувајќи го процесот на подготовка за нуркањето „тежок за опишување“, Ерџумен рече: „Оваа година беше многу тешка за мене.“
„Се натпреварував на светското првенство, тоа беше тежок турнир“, објасни таа, осврнувајќи се на Светското првенство CMAS што се одржа минатиот месец во Грција.
„Кога дојдовме тука, се соочивме со бура. Неколку тренинзи беа откажани. Иако не можев да се подготвам толку добро колку што сакав, сепак дадовме сѐ од себе“, додаде таа.
Исто така, рече: „Имав неверојатен тим, а моите навивачи навистина ме мотивираа. И покрај тешките услови, го соборивме рекордот.“