Necva Taştan Sevinç
17 Октомври 2025•Ажурирај: 20 Октомври 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Пред домот на италијанскиот новинар Сигфридо Ранучи во близина на Рим експлодирала бомба, при што биле оштетени два автомобила, јавуваат италијанските медиуми, пренесува Анадолу.
Ранучи, водител на истражувачката телевизиска емисија „Репорт“, на Инстаграм објави дека „две експлозивни направи ги уништиле автомобилите паркирани пред неговата куќа во Кампо Асколано, во близина на Рим“, додавајќи дека „експлозиите биле толку силни што го потресле целиот соседен кварт“.
Еден од оштетените автомобили бил на неговата ќерка која, според Ранучи, заминала од местото само 20 минути пред експлозијата.
На местото на настанот веднаш пристигнале полицијата, антитерористичката единица ДИГОС и противпожарните служби, а обвинителите за борба против мафијата во Рим започнале истрага за кривично дело оштетување имот со „мафијашки“ методи, јави новинската агенција АНСА.
„Ова беше обична направа, но сега треба да се утврди каков тип експлозив е употребен“, изјави Ранучи, додавајќи дека тој и неговото семејство добиле голем број закани во текот на годините.
Познатиот новинар живее под полициска заштита од 2014 година кога добил смртни закани поради неговите истражувања за корупција и организиран криминал во Италија.
Италијанскиот министер за одбрана Гуидо Крозето го осуди нападот, нарекувајќи го „многу сериозен, кукавички и неприфатлив чин“ што „удира по слободата на информирање“.
Премиерката Џорџа Мелони изрази „целосна солидарност со новинарот Сигфридо Ранучи“ и „најостра осуда на овој сериозен чин на заплашување“, нагласувајќи дека „слободата и независноста на медиумите се клучни вредности на нашата демократија“.
Заменик-премиерот Матео Салвини го опиша инцидентот како „невиден и неприфатлив по тежина“, упатувајќи поддршка за Ранучи и неговото семејство.
Националната телевизија РАИ, каде што работи Ранучи, го осуди нападот како „сериозен и кукавички чин на заплашување“.
Генералниот директор на РАИ, Џампаоло Роси, изјави дека компанијата „стоеше и ќе стои зад Ранучи“ и ја потврди својата „решеност да ги заштити слободата на новинарите и нивната независност.“
Според властите, Управата за борба против мафија (DDA) во Рим, под водство на обвинителот Карло Вилани и заменик-обвинителката Иларија Кало, ја води истрагата за експлозијата.
Експлозијата предизвикала значителна материјална штета на автомобилите и околните објекти, но нема повредени лица.
Ранучи, еден од најпознатите истражувачки новинари во Италија, со години објавува истражувања за корупција и мафијашки структури.
Последниве месеци тој повторно добивал закани, меѓу кои и оставени куршуми тип P38 пред неговиот дом.