ГАЗА / ИСТАНБУЛ (АА) – Во малата сала во болницата „Насер“, на јужниот дел од Појасот Газа, тимовите од Министерството за здравство и семејствата на жртвите ги идентификуваат телата што Израел ги вратил без имиња, јавува Анадолу.
Семејствата се собираат околу голем екран поставен од Министерството, гледајќи „тешки“ слики со нумерирани кодови, надевајќи се дека ќе најдат барем некаква трага за своите најблиски што исчезнале пред повеќе месеци.
Тишината во просторијата ја нарушуваат само воздишките на ожалостените родители, кои ги набљудуваат деформираните лица – кај голем број има очигледни траги од измачување и горење.
Директорот на Канцеларија за медиуми на Владата во Газа, Исмаил ел-Тавабта, за Анадолу изјави дека преку Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) Министерството во три групи ги добило останките на 120 неидентификувани Палестинци.
„Некои тела имаа траги од измачување и горење, но Израел не даде никакви податоци или имиња и тоа ја прави идентификацијата речиси невозможна“, рече тој.
По долга потрага Акрам ел-Манасра го идентификувал телото на еден од двајцата исчезнати синови.
„Ги загубив синовите Абдулах и Халед на 7 октомври 2023 година. Кога слушнавме дека Израел враќа тела, дојдов во болницата надевајќи се дека ќе ги препознам“, изјави тој за Анадолу.
„Како и сите палестински семејства, ги бараме нашите деца што исчезнаа за време на војната. Лицето му беше деформирано од измачување, но го препознав по белегот кај носот и формата на забите“, додаде тој со солзи во очите.
Властите во Газа проценуваат дека околу 9.500 лица сè уште се водат како исчезнати – веројатно некои се под урнатините, а за другите сè уште нема информации.
- Тела означени со кодови
Директорот на судска медицина во болницата „Насер“, Ахмед Дахир, за Анадолу изјави дека преку Црвениот крст Израел ги доставил телата без имиња – само со нумерирани кодови.
„Телата беа означени од 1 до 90“, рече тој, додавајќи дека идентификацијата е речиси невозможна.
„Немаме лаборатории ниту опрема за тестирање, а Израел не обезбедува никакви податоци.“
Тој објасни дека досега биле добиени само три имиња – две нецелосни и едно сè уште непотврдено.
„Телата ги прегледуваме за да ги утврдиме висината, градбата, повредите, раните и можната причина за смрт, како и евентуални траги од куршуми“, рече Дахир.
Поради недостиг на средства, Министерството за здравство отвори онлајн платформа со внимателно цензурирани фотографии, со цел семејствата оддалеку да помогнат во идентификацијата – почитувајќи го достоинството на починатите.
„Доколку постои сомнение за совпаѓање, семејството се повикува во медицинскиот комплекс 'Насер' за идентификација. Откако ќе се потврди идентификацијата, јавниот обвинител и единицата за медицинска истрага ги завршуваат процедурите, а телото му се дава на семејството“, објасни тој.
Телата што не се идентификувани во рок од пет дена се погребуваат од страна на Министерството за верски прашања (Аукaф), со детално документирани места на погреб што подоцна може да се пронајдат преку доделен број.
Пред прекинот на огнот, Израел чувал 735 тела на Палестинци во таканаречени „гробишта на броеви“, според Палестинската национална кампања за враќање на телата на мачениците и откривање на судбината на исчезнатите.
Палестинската национална кампања, повикувајќи се на извештај на Хаарец објавен на 16 јули 2024 година, наведува дека израелската армија чува околу 1.500 тела на Палестинци од Газа во воената база Сде Тејман во Јужен Израел.
„Гробиштата на броеви“ се необележани масовни гробници оградени со камења, каде што на секој гроб има само метална плочка со број, а податоците се чуваат во израелските безбедносни досиеја.
Во рамките на договорот за прекин на огнот, Хамас ослободи 20 живи израелски заложници и достави тела на уште 10 во замена за околу 2.000 палестински затвореници.
Договорот беше постигнат меѓу Израел и Хамас минатата недела врз основа на планот предложен од американскиот претседател Доналд Трамп, чија прва фаза предвидува размена на заробеници, а понатаму и обновување на Газа и создавање нов механизам за управување без Хамас.
Од октомври 2023 година во израелските напади врз Појасот Газа се убиени речиси 68.000 Палестинци, повеќето жени и деца, оставајќи го регионот непрепознатлив и ненаселен.