АНТАЛИЈА (АА) - ШЕБНЕМ ЏОШКУН -
Турската нуркачка, Шахика Ерџумен, утре, по повод 98-годишнината од Републиката, ќе се обиде со еден здив да нурка на длабочина од 100 метри и да го собори светскиот рекорд за мажи и жени, јавува Агенција Анадолија (АА).
Светската рекордерка во слободно нуркање, Ерџумен, продолжува со тренинзите за нејзиниот обид за светски рекорд во нуркање на длабочина од 100 метри во еден здив во категоријата со променлива тежина без перки.
Шахика Ерџумен, која е амбасадорка на УНДП за зачувување на водите и за нула отпад во морињата во Турција, сака да ја подигне јавната свест за климатските промени и за прашањата како што се „Родовата еднаквост“, „Животот во вода“ и пластичниот отпад.

Наведувајќи дека има освоено 3 медали на Светското првенство во слободно нуркање што се одржа на Бахамите и дека има соборено 5 турски рекорди, Ерџумен за Агенција Анадолија (АА) рече:
„На Светското првенство што се одржа во Каш освоивме 2 шампионати и го соборив турскиот рекорд. Се подготвуваме за светскиот рекорд, кој всушност е и мојата последна цел за оваа година. Еден период престојувам во Каш и ова беше добар подготвителен период за мене. Каш мене ми е втор дом. Тренинзите што ги правев во Каш беа многу успешни. За мене исто така и духовниот аспект на овој рекорд е многу важен бидејќи сакам овој рекорд да го посветам на 29 Октомври и на 98-годишнината од нашата Република.“
- „Неофицијално на последниот тренинг го соборив светскиот рекорд“ -
Ерџумен истакна дека сè уште не ја објавиле длабочината на која ќе нуркаат за светски рекорд. „Имаме за цел да го собориме рекордот со 98 или 100 метри. Рекордот неофицијално го срушивме на нашиот последен тренинг. Целта ни е утре и официјално да го собориме тој рекорд посветени на нашата Република, во присуство на судии. Нашата мотивација е многу висока бидејќи тренинзите минаа многу добро. Веруваме дека ќе го срушиме рекордот.“

Нагласувајќи дека овој обид за соборување на светскиот рекорд ќе биде нејзиното последно важно нуркање оваа година, Ерџумен додаде: „Како амбасадорка на УНДП за зачувување на водите, сакаме да привлечеме внимание и на климатската криза и на животот во водата. Во исто време, бидејќи овој рекорд е и над светскиот рекорд кај мажите сакаме да привлечеме внимание и на родовата еднаквост, што е една од нашите глобални цели. Покрај тоа, секако целта е и да ја претставиме нашата земја во меѓународната арена и да поставиме нов светски рекорд за нашата земја.“
- Нуркање за подигнување на свеста за ракот на дојка -
Шахика Ерџумен пред светскиот рекорд што ќе се обиде да го собори утре учествуваше и во значаен проект за општествена одговорност.
Турската куркачка изведе нуркање и со жените од Здружението за борба против рак кај жените „Роза“, кои се борат за подигнување на свеста за ракот на дојка.
На настанот „розово нуркање“, што се одржа во рамките на месецот за подигање на свеста за ракот на дојката, покрај Ерџумен учествуваа и фоторепортерката Ајшеѓул Динчкок, која фотографира под вода и експертката по онкологија, проф. д-р Јешим Ералп, како и Дидем Ергин и Дениз Токер кои се борат со ракот на дојка.

За време на нуркањето, учесниците носеа на зглобовите розов тул, на опремата за нуркање им беа врзани розови панделки, на главите носеа розови марами, а исто така носеа розови и виолетови маски за нуркање.
Меѓу другото, нуркачката екипа под вода отвори и транспарент на кој пишуваше „Нашата сила е поголема од ракот.“
„Заедно со пациентите со рак и нашата професорка по онкологија спроведовме проект за општествена одговорност. Наша цел беше под водата со целото општество да го споделиме она што еден пациент со рак го доживеал за време на процесот на лекување и за неговото размислување за водата. Имаат тежок процес на лекување, но цврсто се држат за животот. Многу сум среќна што сум сведок на овој процес. Нашите болни од рак се многу силни, но малку се физички уморни и исцрпени поради третманите при лекувањето. Пациентите што се исцрпени вложија големи напори под водата. Сите се уморивме, но духовно многу зајакнавме. За мене беше многу посебен проект пред обидот за соборување на светскиот рекорд. Затоа сакам да му се заблагодарам на Здружението за борба против рак кај жените „Роза“ што ни овозможи да нуркаме заедно со пациентите. Исто така посакувам оваа болест да ја надминат на најсилен можен начин“, порача Ерџумен.
news_share_descriptionsubscription_contact
